ОБЈАВЕНА ТЕСНАТА ЛИСТА Еве кои кандидати го поминаа првиот филтер за ДКСК

Комисијата за селекција ги заврши оценувањата – интервјуата стартуваат во вторник.

ОБЈАВЕНА ТЕСНАТА ЛИСТА Еве кои кандидати го поминаа првиот филтер за ДКСК
Фото: Национал

Од вкупно 13 кандидати кои се пријавија на огласот на Собранието за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), селектирани се 10 имиња кои ја продолжуваат постапката следната недела.

Иако повикот за пријавување кандидати беше објавен уште летово, процедурата беше привремено запрена поради локалните избори. Од Собранието тогаш посочија дека процесот ќе продолжи по завршувањето на изборите.

Комисијата за селекција на кандидати за претседател на ДКСК, формирана од собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, веќе ја финализирала првата селекција. Во вторник ќе започнат интервјуата со десеттемина кандидати кои го поминаа почетниот филтер, објави Телма.

Меѓу селектираните се: Весна Доревска, дипломиран правник и поранешен помошник-министер за правни работи во Министерството за внатрешни работи, Владимир Наумоски, дипломиран правник со положен правосуден испит и магистер по деловно право, актуелен член на Комисијата за заштита од конкуренција, Антонио Санев, дипломиран правник и магистер по меѓународно право, поранешен началник во МВР, Бранко Смилевски, дипломиран економист и магистер по антикорупциски науки, актуелен помошник на Главниот ревизор, адвокатите Валентина Тодоровска и Ненад Трифуновски, Благица Трошанска, магистер по политички науки и раководител на сектор во Министерството за одбрана, Кимо Чавдар, дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор по политички науки, Адем Чучуљ, дипломиран правник и актуелен генерален секретар на ДКСК, Феузи Џафери, кој претходно се кандидираше и за Народен правобранител.

Селектираните кандидати ќе бидат поканети на интервју, по што ќе следува финалниот избор на нов претседател на Антикорупциска.

CATEGORIES
Share This