ОЈО СКОПЈЕ ГИ ОТФРЛИ ПРИЈАВИТЕ ПРОТИВ ДИРЕКТОРОТ НА АНБ Нема елементи на кривично дело
Врз основа на сите собрани докази, ОЈО Скопје заклучи дека во дејствијата на пријавениот нема елементи на кривично дело, поради што донесе одлука за отфрлање на сите пријави.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе одлука за отфрлање на анонимните пријави поднесени против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во кои беше осомничен за фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина.
Пријавите се повикуваа на сомневања дека директорот, при аплицирање за неколку јавни функции, меѓу кои и за актуелната позиција во АНБ, користел сомнителен сертификат за познавање на англискиот јазик издаден од приватна школа во Бугарија – Language School Julia CO.LTD, која наводно не била овластена за спроведување на TOEFL iBT тестирање.
Обвинителството, по оформување на предметот во ноември 2024 година, побара меѓународна правна помош од бугарските власти за утврдување на релевантните факти. Окружното јавно обвинителство од Пловдив информираше дека правниот субјект бил регистриран под името „Джулия КО“ ООД, но дека неговата сопственичка долго време не се наоѓала во земјата, што оневозможило целосно изјаснување. Сепак, обезбедени беа податоци за неговата регистрација и деловна дејност, како и придружна документација која беше вратена до македонското обвинителство.
Во рамките на домашната постапка, беа прибавени и проверени сите документи од институциите во кои пријавениот аплицирал. Притоа беше утврдено дека освен спорниот сертификат од бугарската школа, во досието е приложен и валиден TOEFL iBT сертификат издаден на 26.03.2022 година, со освоени 75 поени, добиен по полагање во домашни услови под надзор на ETS – меѓународната институција што го администрира TOEFL тестот.
Јавниот обвинител направи проверка и преку официјалниот прирачник на ETS, од каде произлегува дека во периодот 2022-2023 година постоела легална можност за полагање на TOEFL iBT во домашни услови, при што процесот бил мониторираниот онлајн. Сертификатите издадени во вакви услови се сметаат за автентични и еднакви со оние издадени по тестирање во лиценцирани центри.
Дополнително, обвинителството утврди дека ниту еден од приложените документи не бил фалсификуван, ниту употребен со намера за измама. Сертификатот од Language School Julia CO.LTD, дури и да не бил во целост автентичен, не предизвикал никакви правни последици, бидејќи за позицијата директор на АНБ бил земен предвид другиот валиден документ издаден од ETS.
Во рамките на истрагата беа проверени и пријавите поврзани со уверенијата за високо образование на истото лице. При увид во документацијата од Економскиот факултет во Скопје, како и од страна на Државниот просветен инспекторат и Антикорупциската комисија, не беа утврдени никакви неправилности.
Врз основа на сите собрани докази, ОЈО Скопје заклучи дека во дејствијата на пријавениот нема елементи на кривично дело, поради што донесе одлука за отфрлање на сите пријави.


