НОВО ИЗЛЕВАЊЕ КАЈ ЗАЈАСКА РЕКА – 250 луѓе евакуирани во спортска сала
Надлежните најавуваат подобрување на условите за престој и обезбедување соодветна хигиена.

По новото излевање на Зајаска Река во Кичево, предизвикано од поројните дождови, повеќе од 60 семејства повторно останаа без своите домови, вторпат во изминатиот месец. Додека трае санацијата на штетите, околу 250 лица од 63 домаќинства се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“, информира Центар за управување со кризи.
Условите за престој во салата засега се отежнати, особено во делот на личната хигиена, бидејќи евакуираните немаат пристап до тушеви и соодветни санитарни услови. Градоначалникот Александар Јовановски соопшти дека до крајот на денот ќе биде пронајдено решение за подобрување на состојбата, со фокус на хигиенските потреби на сместените граѓани.
Сè уште е неизвесно колку долго погодените ќе останат во привременото сместување. При претходниот бран поплави тие престојувале околу една недела, но овој пат надлежните не ја исклучуваат можноста престојот да се продолжи и до две недели поради обемот на причинетите штети.
Најтешко погодена е улицата „Прилепска“, каде што во некои објекти водата достигнала и до два метра височина на ѕидовите. Жителите самостојно се обидуваат да ја отстранат водата од домовите, додека екипите на надлежните институции интервенираат со целата расположлива механизација.
Иако реката се вратила во своето корито, водостојот и понатаму е висок, што кај населението создава страв од нови излевања. Паралелно се упатува апел за донации, ќебиња, вода и храна за привремено згрижените, при што надлежните апелираат помошта да се доставува исклучиво преку Црвен крст на Република Северна Македонија заради организирана и транспарентна дистрибуција.
Од Кичево информираат дека засега нема нови поплавени објекти и дека водостојот на реките и водотеците постепено опаѓа. Во спортската сала „Христо Узунов“ се сместени 250 евакуирани лица, на кои им се обезбедени храна, вода и основни средства за лична хигиена. Истовремено, екипите на ЈП „Комуналец“ и пожарникарите работат на испумпување на водата од подрумите на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември.
Во Тетово и поширокиот тетовски регион засега нема нови пријави за излевање на Вардар кај селото Форино, ниту на другите водотеци што вчера предизвикаа поплави, соопшти Центарот за управување со кризи. Надлежните оценуваат дека состојбата е стабилизирана и дека во моментов нема потреба од нови интервенции.
Во Битола преку бројот за итни случаи 112 е пријавен поплавен објект кај Буковски мост. Пријавата е проследена до Територијалната противпожарна единица, која презема мерки на терен. Во меѓувреме, нивото на Црна Река кај селото Новаци е измерено на 310 сантиметри.
Во општина Долнени најавена е утринска интервенција на патниот правец меѓу селата Сливје и Костинци, кој е во лоша состојба. Санацијата ќе се врши со механизација на ЈП „Македонија пат“.
Поради снежни врнежи, од утрово во 5:45 часот е воведена забрана за сообраќај на камиони на патните правци Гостивар – Стража – Кичево и Гостивар – крак Маврово – Дебар. На патот Тетово – Попова Шапка е забрането движење на автобуси, додека за останатите возила е задолжително користење зимска опрема.
Последиците од невремето се санираат и во Гостивар, Тетово и скопската општина Сарај. Според метеоролошките прогнози, дождовите ќе продолжат и во наредните денови, што дополнително може да ја усложни состојбата на терен.


