НОВИТЕ УНИФОРМИ НА ПАУЗА – Поништен тендерот за набавка на нови полициски униформи

Второстепената комисија за жалби ја поништи набавката за виндјакни и теренска униформа, бидејќи компанијата ги користела услугите на српска фирма без да ја пријави како подизведувач

НОВИТЕ УНИФОРМИ НА ПАУЗА – Поништен тендерот за набавка на нови полициски униформи
Фото: МВР

Второстепената комисија за жалби по јавни набавки го поништи тендерот за набавка на нови униформи за редовната полиција, што значи дека македонските полицајци ќе мораат да почекаат барем уште неколку месеци за да ги заменат сегашните униформи, кои се резултат на договор од ноември 2021 година.

Причината за поништувањето е тоа што компанијата чија понуда беше избрана за најдобра за делот виндјакни и теренска униформа не ги исполнувала самостојно условите за минимален број на вработени и технички капацитет, туку приложила т.н. техничка поддршка од српската фирма „Лус Текстил“. Според Државната комисија за жалби по јавни набавки, во ваков случај српската компанија требало да биде пријавена како подизведувач.

Најдобрата понуда за виндјакни и теренска униформа, која сега е поништена, изнесуваше околу 6,1 милион евра. Од МВР засега не соопштуваат како ќе постапат понатаму.

Да потсетиме, МВР објави огласот на 19 септември 2025 година за четири ставки: виндјакни, теренска униформа, чизми и чевли за што пристигнаа пет понуди од „Нени компани“, „Мегаспорт“, „Микеи интернационал“, „Лејерс ВФ“ и „Камекс“. Според одлуката на МВР тендерот го доби компанијата „Мегаспорт“ по што „Микеи интернационал“ ја обжали одлуката. Жалбата на 28 јануари 2026 година од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки беше усвоена и поништена тенедерската одлука на МВР.

Комисијата смета дека според Законот за јавни набавки ако еден субјект целосно ги изведува работите за друг, тој мора да биде пријавен како подизведувач. „Мегаспорт“ во својата понуда наведувал дека го исполнува условот за број на вработени – 50 лица за виндјакни и 100 лица за теренска униформа  но тоа било обезбедено преку српската компанија „Лус Текстил“, а не самостојно.

Постапката е вратена на повторно постапување и одлучување во МВР.

CATEGORIES
Share This