НОВИ ВРЕДНОСТИ: БАЛЕТ ЗА ЏЕКПОТ – „Шехерезада“ или како културата стана комар
Балетот „Шехерезада“ пристигна на сцената со солисти од Унгарија и домашни артисти, а корпоративната поддршка се смета за духовна инспирација – барем на хартија.

Синоќа во 20:00 часот на сцената на Националната опера и балет се изведе „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков, балет инспириран од магичниот свет на „Илјада и една ноќ“ и признат како еден од бисерите на светскиот балетски репертоар.
Диригент на претставата беше Бисера Чадловска, а кореографијата ја потпишува познатиот московски балет-мајстор Михаил Крапивин, базирана на оригиналната постановка на Михаил Фокин. Сценографијата е дело на Марија Ветероска, костимите се изработени од српската дизајнерка Маја Бурсаќ, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во претставата настапија солистите Наташа Трендафилова-Гицев и Балаж Лочеи од Унгарија, заедно со првенците, истакнатите солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Поддршката на вакви културни настани е дел од корпоративната стратегија на Видеолотарија Касинос Австрија.
„Веруваме дека културата е двигател на убавина, инспирација, духовност и заедништво – вредности што ја збогатуваат заедницата и го унапредуваат општествениот живот. Горди сме што стоиме зад настани кои ја подигнуваат културната сцена во земјата“, велат од компанијата.


