НОВИ РАБОТНИ МЕСТА ЗА 16.000 ГРАЃАНИ Владата стартува со план од 40 милиони евра
Со овој план, Владата најавува нова фаза во економската и социјалната политика, насочена кон создавање реални работни места и намалување на невработеноста.

Владата донесе нов Оперативен план за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, вреден 40 милиони евра. Планот има за цел да опфати над 16.000 граѓани, а фокусот е ставен на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош.
Премиерот Христијан Мицкоски, на прес-конференција, изјави дека планот претставува одговор на економските предизвици со кои се соочи земјата, вклучувајќи висока инфлација, пад во индустриското производство и одлив на млади.
„Работевме речиси една година на создавање на решенија кои ќе донесат вистинска поддршка за граѓаните и ќе овозможат подобра иднина тука, дома во Македонија“, рече Мицкоски.
Според планот, околу 65% од вклучените лица се очекува да бидат млади до 29 години. Ќе бидат понудени неколку специфични мерки за оваа група:
-
Поддршка за самовработување – Мерка за млади до 29 години со опфат од 720 лица. Се нудат неповратни средства во висина од 615.000 денари и дополнителни 3.000 денари за регистрација на бизнис.
-
Здружено самовработување во ДОО – Поддршка за формирање на деловни субјекти со двајца содружници, со средства до 1.230.000 денари. Од вкупно 400 корисници, 220 ќе бидат млади.
-
Програма за практикантство – Вклучување на 1.352 млади до 29 години за стекнување практични вештини.
-
Младински додаток – Финансиска поддршка од 3.000 денари месечно за 3.500 млади до 23 години кои работат во производствени дејности.
Во рамките на планот, ќе се вработат и 400 пожарникари како дел од стратегијата за справување со летните пожари. Дополнително, 600 лица ќе бидат ангажирани во јавни работи и општински проекти поврзани со инфраструктура и заштита на животната средина.
Покрај младите, планот нуди и други мерки насочени кон поддршка на различни категории на невработени:
-
Поддршка за самовработување на лица над 29 години – Опфат од 610 лица.
-
Вработување на лица со попреченост – Опфат од 150 лица.
-
Обука кај работодавач – 245 лица ќе добијат работно искуство кај конкретен работодавач.
-
Обуки за барани занимања – 600 лица ќе се обучуваат за занимања барани на пазарот.
-
Обуки за возачи (Ц, ЦЕ и Д категорија) – Опфат од 200 лица.
-
Обуки за странски јазици и компјутерски вештини.
Премиерот повика граѓаните и правните субјекти активно да се запознаат со содржината на планот и да ги искористат можностите што се нудат.
„Оперативниот план е резултат на детална анализа на потребите на пазарот на труд и на граѓаните кои бараат работа. Ќе продолжиме да инвестираме во човечкиот капитал како најважен ресурс за економски развој“, изјави Мицкоски.
Со овој план, Владата најавува нова фаза во економската и социјалната политика, насочена кон создавање реални работни места и намалување на невработеноста.


