НОВИ ПРАВИЛА ЗА ПУШЕЊЕ – Забрана на јавни места и реклами
Министерот Алиу најавува дека нема да се донесе нефункционален хибриден закон

Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека сите засегнати страни, вклучително и бизнис заедницата, ќе бидат слушнати во врска со Предлог Законот за заштита од пушење. Сепак, тој нагласува дека нема да се донесе хибриден, нефункционален закон. Законот веќе е на јавна расправа на ЕНЕР, а според министерот, тој не е рестриктивен, туку целосно усогласен со стандартите на Европската унија. За разлика од претходниот закон, донесен пред повеќе од една деценија, новиот ќе се применува на целата територија на државата.
„Јас како инженер никогаш не креирам процеси чиј резултат не е познат од почеток“, истакна Алиу.
Пушењето ќе биде забрането во и околу јавни институции и објекти во сопственост на државата, во сите угостителски објекти, на спортски терени, како затворени, така и отворени.
Рекламата за тутун и опрема за пушење е целосно забранета, вклучително и на интернет доека јавните личности и инфлуенсерите не смеат да промовираат пушење или производи за пушење.
Дозволено пушење ќе биде само на отворени тераси или простори оградени од една страна, а отворени од три страни.
Министерството за здравство ќе ги разгледа и барањата на бизнис заедницата, но Алиу нагласува дека Законот мора да биде применлив и функционален од првиот ден.
Според Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје, минатогодишното истражување покажало дека 45% од возрасната популација пуши, 37,4% од момчињата користат обични цигари, а 40,3% електронски цигари. Истражувањето ги опфати сите средни училишта, а проблемот е присутен кај деца од 15 – 16 години и помали.
Казните се строи и објектот каде се пушело може да биде затворен три месеци, веднаш по констатирањето на прекршокот. Граѓани кои се фатени на дело добиваат казна од 100 евра, а ако не платат, судот може да ја зголеми на 300 евра.
Дополнителни цели на законот се поддршка на поголема наталитетна стапка, намалување на употребата на тутун, кој влијае на плодноста и го влошува стареењето на населението и создавање на здраво население и справување со демографските предизвици.


