НОВИ ФАКТИ ЗА ПУЛС Жртвите не умирале од задушување, туку од токсични гасови
Се наметнува заклучокот дека жртвите не починале од класично задушување, туку од брзо труење со цијаниден гас, што истрагата не го обработила соодветно

Истражувањето на ИРЛ открива сериозни пропусти во истрагата за пожарот во дивиот ноќен клуб „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 50 лица. Иако официјално како причина за смрт било наведено задушување со јаглерод диоксид, обдукциските извештаи покажуваат дека жртвите немале фатални нивоа на CO₂.
Според хемиските и градежните вештачења, во клубот гореле токсични материјали, меѓу кои полиуретански сунѓер. При горење, овој материјал ослободува водороден цијанид – исклучително смртоносен гас. И покрај тоа што обвинителите и вештаците биле свесни за ова, присуството на цијанид не било испитано.
Сведоштвата на преживеаните и спасувачите опишуваат необични и алармантни појави: Луѓе умирале за неколку минути, иако изгледале лесно повредени, немало видлив пламен, но телата гореле, а од таванот капеле црни, запаливи капки и се чувствувал остар, непознат и тежок мирис, различен од обичен чад.
Пожарникар кој помагал во гаснењето подоцна завршил на лекување во Токсикологија, што дополнително укажува на труење со опасни гасови.
Болницата во Кочани до 5:30 часот наутро пријавила 47 починати без знаци на живот и уште три целосно изгорени тела.
Се наметнува заклучокот дека жртвите не починале од класично задушување, туку од брзо труење со цијаниден гас, што истрагата не го обработила соодветно.


