НОВА ШАНСА ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ Втор уписен рок на 30 јуни со над 16.000 слободни места
Новиот закон ќе го спречи менувањето оценки од страна на наставничкиот совет, со цел поголема објективност.

Полуматурантите кои не се запишаа на првото електронско пријавување за учебната 2025/2026 година ќе имаат нова шанса на вториот уписен рок, кој ќе се одржи во понеделник, на 30 јуни. Документацијата ќе се доставува до училиштата на 1 јули, а конечната ранг-листа со запишани ученици ќе биде објавена на 2 јули, најдоцна до 12 часот.
Според податоците од Министерството за образование и наука, слободни се вкупно 16.034 места, од кои:
-10.758 за настава на македонски јазик
-4.781 за албански
-474 за турски
-21 за српски наставен јазик
Од вкупниот број слободни места, 3.727 се во гимназиско образование, а 12.307 во стручно образование.
На првиот рок, кој се одржа од 14 до 17 јуни, беа пријавени 16.601 ученици, а се запишаа 13.712, од кои:
-10.172 на македонски
-3.248 на албански
-279 на турски
-13 на српски наставен јазик
И оваа година, стручните училишта се значително популарни: запишани се 9.469 ученици, во споредба со 4.243 во гимназии.
Министерството информираше дека конкурсот за упис е веќе затворен во одредени училишта, како:
-Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола
-Гимназија „Никола Карев“ – Скопје
Во неколку училишта, поради голем број ученици со ист број бодови, беше спроведено квалификациско тестирање, и тоа:
-СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје (медицинска сестра и забен техничар на албански)
-СОМУ „Гостивар“ – Гостивар (медицинска сестра на албански)
-Гимназија „Георги Димитров“ – Скопје (на македонски)
Министерката за образование Весна Јаневска истакна дека тестирањата се законски предвидени во случај на изедначен број поени и дека не се работи за „вонредни“ испити. Таа додаде дека проблем во системот е притисокот врз наставниците за давањето одлични оценки, што резултира со неавтентично рангирање на знаењето. Новиот закон ќе го спречи менувањето оценки од страна на наставничкиот совет, со цел поголема објективност.
„Тие што имаат знаење ќе бидат запишани. Останатите ќе имаат шанса на второто пријавување“, рече Јаневска.
Ако има потреба, квалификациско тестирање на второто пријавување ќе се спроведе на 4 јули, а конечните резултати ќе бидат објавени истиот ден.
Учениците кои нема да се запишат во јуни ќе имаат последна шанса во август. Третиот електронски рок ќе биде на 21 август, а истата документацијата ќе треба да се достави истиот ден. Ранг-листите ќе бидат објавени на 22 август.


