НОВА ГУВЕРНЕРКА ИЛИ ГУВЕРНЕР Во понеделник паѓа одлука од овие четири кандидати

Иако не откри кого ќе поддржи Владата, Мицкоски рече дека сите кандидати се „вонсериски и искусни личности“ кои ќе ја гарантираат макроекономската стабилност на државата.

НОВА ГУВЕРНЕРКА ИЛИ ГУВЕРНЕР Во понеделник паѓа одлука од овие четири кандидати

Во вторник ќе се избира новиот гувернер на Народната банка, но засега не е познато кој кандидат ќе ја добие поддршката. Премиерот Христијан Мицкоски, по поставувањето камен-темелник за нова спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче, најави дека конечната одлука ќе биде соопштена во понеделник, 19 мај, додека ден потоа во вторник ќе се одржи седницата на Собранието на која ќе се гласа за изборот.

Иако не откри кого ќе поддржи Владата, Мицкоски рече дека сите кандидати се „вонсериски и искусни личности“ кои ќе ја гарантираат макроекономската стабилност на државата. Тој потврди дека поддршката ќе биде условена со заложба за одржување на фиксниот курс на денарот.

Меѓу имињата кои кружат во јавноста како можни наследници на сегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска се поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески, актуелниот претседател на Советот на Град Скопје и исто така поранешен министер за финансии, Трајко Славески и поранешната вицегувернерка и сегашна членка на Надзорниот одбор на КИБС, Маја Кадиевска-Војновиќ.

Сегашната гувернерка Ангеловска-Бежоска ја врши функцијата од мај 2018 година, именувана со консензус од сите партии во Собранието. Дали ќе добие нов седумгодишен мандат, ќе стане јасно наредната недела.

Од друга страна, претседателката Гордана Силјановска-Давкова во предизборната кампања нагласи дека ќе се залага за поставување силни жени на клучни позиции – веќе именува две жени на чело на Агенцијата за разузнавање. Но, за гувернерската функција нејзиниот предлог ќе мора да добие и поддршка од парламентот.

CATEGORIES
TAGS
Share This