НОВА АНКЕТА НА ЕВРОБАРОМЕТАР Пад на довербата во ЕУ во Македонија
Во Македонија, покрај релативно стабилното ниво на доверба, анкетата открива дека само половина од граѓаните - 50 проценти веруваат дека земјата навистина ќе стане членка на ЕУ. Истовремено, 42 проценти од македонските граѓани изразуваат недоверба кон Европската Унија.

Довербата на македонските граѓани во Европската Унија изнесува 54 отсто, што претставува мало опаѓање во однос на есента 2024 година, кога таа изнесуваше 56 отсто, покажува најновата анкета на Евробарометар спроведена во март и април годинава.
Истражувањето, кое го опфаќа јавното мислење во земјите-членки на Унијата, како и во неколку земји од Западен Балкан, укажува на раст на довербата во ЕУ во целина – вкупно 52 проценти од граѓаните на Унијата имаат позитивно мислење, што е највисоко ниво од 2007 година.
Во регионот, Црна Гора и Албанија предничат со највисока доверба во Европската Унија – дури 83 проценти од граѓаните во овие земји гледаат позитивно на Унијата. Од друга страна, довербата е најниска во Србија, каде што само 37 отсто од испитаниците ја поддржуваат ЕУ.
Во Македонија, покрај релативно стабилното ниво на доверба, анкетата открива дека само половина од граѓаните – 50 проценти веруваат дека земјата навистина ќе стане членка на ЕУ. Истовремено, 42 проценти од македонските граѓани изразуваат недоверба кон Европската Унија.
Овие податоци ја рефлектираат променливата перцепција на македонската јавност кон европската перспектива на земјата, во услови на продолжен евроинтегративен процес и политички предизвици на патот кон Брисел.


