НОВ УДАР ПО ДЕМОКРАТИЈАТА ИЛИ НУЖНИ ИЗМЕНИ Изборниот законик заглави во Собранието
Пратениците сега се пред дилемата - компромис или застој во реформите. Сè додека не се обезбеди потребното малцинско мнозинство, измените во Изборниот законик остануваат на чекање.

Пратениците во македонското Собрание ја закочија постапката за изгласување на измените на Изборниот законик кои предвидуваат построги услови за кандидатура на независни листи на локалните избори. Иако општиот претрес беше завршен експресно, недостигот од гласови од пратениците од малцинствата, потребни според Бадентеровиот принцип, го одложи гласањето.
„На седницата отсуствуваа осум пратеници, а недостасуваше и потребното бадентерово мнозинство. Се надевам дека наскоро ќе се создадат услови предложените измени веднаш да се стават на гласање,“ изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Противењето доаѓа од опозицијата – пратеници од Европски фронт предводен од ДУИ, како и Левица, кои остро ги осудија измените како недемократски и непрозрачни.
„Измените се креирани зад затворени врати, без политички консензус и не се дел од препораките на ОБСЕ и ОДИХР,“ истакна Ајлина Ајдари од Европски фронт.
Мицевски возврати дека измените имаат цел да го пополнат правниот вакуум создаден по укинувањето на прагот од 1% од страна на Уставниот суд. Според него, новото „скалесто решение“ ги прави условите појасни и прифатливи за сите. Така, за општини со број на гласачи: до 10 000 – ќе бидат потребни најмалку 100 потписи, од 10 001 до 20 000 – 200 потписи, од 20 001 до 30 000 – 300 потписи, од 30 001 до 40 000 – 400 потписи, од 40 001 до 50 000 – 500 потписи, од 50 001 до 60 000 – 600 потписи, од 60 001 до 70 000 – 700 потписи, од 70 001 до 80 000 – 800 потписи, од 80 001 до 90 000 – 900 потписи, за општини преку 90 001 жители најмалку 1.000 потписи, а за град Скопје – најмалку 3.500 потписи од граѓаните запишани во Единствен избирачки список.
Бадентеровото мнозинство е задолжително за донесување на системски закони кои засегаат малцински права – култура, јазици, образование и лични документи. Според актуелниот собраниски состав, од 120 пратеници, 39 се од немнозинските заедници. За „голем бадентер“ се потребни 20 од нив. Моментално, власта не располага со доволен број гласови од оваа група, особено по преминот на Арбен Таравари во опозиција, со што тројца пратеници од Вреди ја напуштија владејачката коалиција.
Без исполнување на Бадентеровиот принцип, под знак прашалник е и усвојувањето на други клучни реформи – Законот за локална самоуправа (со кој се предвидува референдум за смена на градоначалник), Законот за судски совет, платите на судии и јавни обвинители, изборот на Програмскиот совет на МРТ и други.
Министерот за правда, Игор Филков, во неодамнешен брифинг изрази надеж дека опозицијата ќе постапи совесно:
„Сите политички субјекти треба да бидат свесни дека блокирањето на закони кои се во интерес на граѓаните, ѝ нанесува штета на државата и на демократскиот процес.“
Пратениците сега се пред дилемата – компромис или застој во реформите. Сè додека не се обезбеди потребното малцинско мнозинство, измените во Изборниот законик остануваат на чекање.


