НОВ ТОПЛОТЕН БРАН – Препораки за разладување на домот во услови на екстремни горештини

Идеалната собна температура преку ден е околу 21°C, а ноќе 18°C. Во топли летни денови, најдобро е температурата во затворен простор да се одржува на околу 25°C, советуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој објави сет препораки за разладување на домовите за време на високи температури.
„Доколку надвор е потопло отколку внатре, со отворање на прозорците се губи поладното засолниште“, предупредуваат од ИЈЗ.
Од таму препорачуваат во периодот од 11 до 17 часот прозорците и завесите да бидат затворени, а просториите свртени кон сонце да имаат спуштени надворешни или внатрешни ролетни. По потреба, може да се користат чаршафи или крпи за дополнителна сенка. Прозорците се отвораат дури кога надворешниот воздух е поладен од внатрешниот, со соодветна заштита од инсекти.
Електричните уреди создаваат дополнителна топлина, па се препорачува грејните тела, непотребната опрема и светлата да се исклучуваат. Вентилаторите можат да помогнат, но само ако температурата е под 35°C. Најекономично е да се излади една или две соби наместо целиот дом.
„Гответе во поладните делови од денот, користете рингли или рерна што е можно пократко и по готвењето разладете ја просторијата. Засадувањето дрвја, особено со голема крошна, е одличен начин за намалување на температурата и во домовите и во градовите – корист што ќе ја почувствуваат и идните генерации“, додаваат од Институтот.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, во периодот од 8 до 13 август се очекува зголемување на температурите до 39°C во одделни региони.
Поради тоа, Министерството за здравство потсетува на клучните мерки за заштита: престој во разладени простории во најтоплите часови, внесување доволно течности (без алкохол и засладени пијалоци), носење лесна и светла облека, заштита на глава и очи, избегнување физичка активност во пладневните часови и посебна грижа за децата, старите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања.


