НОВ ПОЧЕТОК ЗА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА – Македонија стартува со шпански кормилар
Шпанскиот стратег го одржа првиот тренинг и ја најави својата визија за иднината

По првиот тренинг под водство на новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Жозеп Мариа Берокал, шпанскиот стратег официјално беше претставен на прес-конференција.
На настанот присуствуваа и новиот спортски директор Владо Илиевски, како и помошникот на Берокал, Ѓорги Кочов.
Берокал не го криеше задоволството од укажаната доверба.
„Среќен сум што сум тука. Голема чест и привилегија е да се биде селектор на Македонија. Времето за подготовка е кратко, но на двата досегашни тренинзи видов огромна желба и посветеност кај играчите. Мора да размислуваме долгорочно и да го унапредуваме тимот, но и да градиме стабилна иднина преку младите кошаркари што доаѓаат“, изјави Берокал.
Својот официјален деби-натпревар тој ќе го има во петок против Луксембург, на домашен терен во салата „Градски парк“.
Новиот селектор истакна дека добро ја познава македонската кошарка, пред сè преку долгогодишната соработка со Илиевски.
„Го познавам националниот тим преку Владо, на кого му бев тренер. Во кариерата работам веќе во десеттата земја. Дел од играчите ги познавам, со некои сум соработувал и претходно. Свесен сум дека почетокот нема да биде лесен и ова е процес што бара време. Ќе се обидеме да го извлечеме максимумот од секој играч. До каде ќе стигнеме, сè уште не можам да предвидам. На играчите им порачав да се натпреваруваат со самите себе и секојдневно да напредуваат. Да се фокусираме на сегашноста и чекор по чекор да градиме подобар тим. Сакам да уживам во овој процес“, порача Берокал.


