НОВ МАРКЕТ НА Lidl – Проширување на мрежата во Гази Баба
Компанијата активно учествува во извозот на македонски производи на европските пазари.

Компанијата Lidl го започна градењето на нов маркет во Скопје, лоциран во општината Гази Баба, со симболично поставување на камен-темелник. Објектот ќе се гради на лесно достапна локација со директен пристап до главните сообраќајници и е дел од долгорочниот стратегиски план на компанијата за проширување на продажната мрежа во земјава.
Новиот маркет ќе има вкупна површина од околу 2.500 квадратни метри, од кои 1.500 квадратни метри се наменети за продажен простор. За посетителите се предвидени 130 паркинг места, обезбедувајќи удобен и лесен пристап. Како и сите објекти на Lidl, и овој маркет ќе биде изграден според современи стандарди за енергетска ефикасност, функционалност и одржливост, со пријатна атмосфера за купувачите.
Гоце Гаврилов, директор за недвижности во Lidl Северна Македонија, истакна дека инвестицијата во Гази Баба ја покажува довербата на компанијата во потенцијалот на македонската економија:
„Со секој нов маркет ја зајакнуваме нашата продажна мрежа и ја унапредуваме поврзаноста со локалната заедница. Гази Баба е динамична и фреквентна општина, па сметаме дека е вистинската локација за продолжување на нашата инвестициска приказна. Нашата цел е да создадеме современи и функционални малопродажни центри кои ќе понудат квалитетни производи по достапни цени, со ефикасен и одржлив бизнис модел, а истовремено да обезбедиме нови и стабилни работни места.“
При изградбата на маркетот, Lidl посветува внимание на зачувување на зеленилото. Ќе бидат зачувани 200 дрвја, а за 15-те што ќе се отстранат, ќе се засадат 32 нови садници. Дворната зелена површина ќе изнесува 3.636 квадратни метри, што е значително повеќе од законски предвидените 20% зеленило.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, оцени дека новата инвестиција ќе донесе дополнителна вредност за жителите:
„Ова е показател дека општината се развива како атрактивна деловна средина, способна да ги исполни стандардите на глобален бренд како Lidl. Новиот маркет ќе донесе нови вработувања, поголем избор и подобра понуда за граѓаните.“
Присуството на Lidl во земјава има и економско значење преку извозот на македонски производи на европските пазари. Минатата година, преку мрежата на Lidl, македонските производи остварија извоз од 15,5 милиони евра.
Lidl е дел од Schwarz Group, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа, со околу 12.600 маркети во 31 држава и над 382.000 вработени. Со новиот маркет, компанијата ја потврдува својата стратегија за стабилен раст и создавање пријатно корисничко искуство за македонските потрошувачи.


