НОВ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК СО БИТНИ ПРОМЕНИ ИЛИ КОЗМЕТИКА – Познати членовите на работната група
Познати се членовите на работната група која ќе го подготвува законот, а јавноста чека дали предложените измени ќе донесат реална реформа или само површни прилагодувања.

Скорешниот почеток на работата на меѓупартиската група во македонскиот Парламент треба да доведе до предлог на нов изборен законик. По повеќемесечни најави, се очекува првата средба на партиските претставници да се одржи оваа недела. Министерот за правда, Игор Филков, потврди дека на состанокот ќе се избере претседател на работната група и ќе се договори динамиката и планот за работа.
Политичките партии веќе ги предложија своите претставници во следниот состав. Од ВМРО-ДПМНЕ ќе членуваат Антонијо Милошоски и Иванка Василевска, ЗНАМ Павле Арсоски и Даниел Стојчевски, Вреди Саранда Имери и Зеќирија Таири, СДСМ Оливер Спасовски и Јована Тренчевска, ДУИ Арта Биљали-Зендели и Блерим Беџети, Левица Борислав Крмов и Реџеп Исмаил, Алијанса за Албанците – Села Илире Даути и Елми Азири, Алијанса за Албанците Таравари Ријад Шаќири и Халил Снопче, Партија на Турците Бејџан Иљас и ЛДП Моника Зајкова.
Во однос на клучните цели и предлози сите партии се согласни дека е потребен нов изборен законик, како дел од реформската агенда, слично на новиот кривичен законик. Во однос на изборниот модел ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се залагаат за една изборна единица наместо сегашните шест, со можен изборен праг од 2–3%. Се дискутира за воведување можност за гласање на иселениците, но начинот (електронски, по пошта, преку дипломатско-конзуларни претставништва) треба да се договори.
Најсложено прашање е процентот потребен за влез во Парламентот. ДУИ инсистира на 5%, додека помалите партии предлагаат 0-3%. Во однос на финансирањето на партиите се предлага уредување на државното финансирање и транспарентност во трошоците. Се предлага и намалување од 120 на 90 пратеници, со цел поголема ефикасност и намалување на трошоците.
Од досегашните размислувања како главни дилеми се јавуваат намалување на бројот на пратеници и воведување една изборна единица., иборниот праг и учеството на помалите партии, уредување на гласањето на дијаспората и финансирање на политичките партии.
Првата средба на работната група ќе одреди како ќе се движи процесот на усогласување на сите овие прашања и ќе постави основа за новиот изборен законик што треба да биде готов до јуни.


