НОВ ДИПЛОМАТСКИ СУДИР МЕЃУ СКОПЈЕ И СОФИЈА – Во фокус македонскиот јазик
Софија зборува за „отстапување од европскиот консензус“, Скопје обвинува за неосновани коментари

Со наслов „Бугарија изразува загриженост за отстапувањата на Скопје од европскиот консензус од 2022 година“, бугарското Министерство за надворешни работи синоќа реагираше на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој изјави дека на Софија ѝ пречи тоа што Акцискиот план за малцинства е доставен на македонски јазик.
Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на бугарското МНР се наведува дека прашањето на кој јазик ќе биде подготвен Планот за правата на заедниците е внатрешно прашање на Северна Македонија и не претставува тема на билатералните односи. Од таму посочуваат дека овој План претставува чекор што треба да следи по вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Македонија, што, според нив, сè уште не е реализирано и е предуслов за отворање на пристапните преговори со Европската Унија.
„Република Бугарија со загриженост ги забележува неодамнешните тези на властите во Скопје, кои значително отстапуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година. Документот е наменет за спроведување од домашните институции кон сопствените граѓани и логично е да биде на јазик разбирлив за нив. Изборот на Скопје да го презентира нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко објаснив, особено доколку навистина постои намера тој да се спроведе“, наведуваат од бугарското МНР.
На реакцијата од Софија одговори и Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, кое соопшти дека Нацрт-акцискиот план за заштита и унапредување на правата на заедниците е подготвен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во тесна соработка со Советот на Европа и Европската комисија. Според МНР, документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди.
„Советот на Европа и Европската комисија потврдија дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди. Загрижувачки е што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, тој станува предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, кои не придонесуваат за градење доверба меѓу двете држави. Наместо тоа, очекуваме европско однесување од нашите соседи, вклучително и целосно почитување и признавање на македонскиот јазик“, наведуваат од македонското МНР.
Реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи следува по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој во неделата истакна дека Акцискиот план бил подготвен пред неколку месеци, со учество на европски експерт, но дека бил одбиен од Софија поради тоа што е напишан на македонски јазик. Мицкоски додаде дека жали поради ваквиот став, но нагласи дека „нема друг јазик“.


