НОВ БРАН АПСЕЊА Над 10 полициски службеници приведени за „Пулс“
Со овие најнови апсења, истрагата влегува во фаза која може да го промени правецот на правдата што ја бараат десетици семејства. Очекувањата се дека утрешниот брифинг ќе даде појасна слика за обемот на одговорност кај актуелните полициски структури и можните нови обвиненија.

Под раководство на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, денеска беа приведени повеќе од десет актуелни полициски службеници, меѓу кои и началници и инспектори, кои биле на смена во ноќта на трагедијата што ја потресе Македонија – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, во кој животот го загубија 62 млади лица, а над 200 беа повредени.
Според првичните, неофицијални информации, приведените се службени лица од Секторот за внатрешни работи Штип и од Полициската станица во Кочани. Акцијата доаѓа по повеќемесечно истражување и интензивен притисок од јавноста и семејствата на жртвите, кои секоја сабота маршираат и протестираат пред полициската станица во Кочани, барајќи одговорност не само од поранешните, туку и од актуелните функционери во полицијата.
Иако Обвинителството претходно осомничи седум поранешни полициски службеници, новиот развој укажува дека одговорност би можела да сноси и сегашниот команден кадар. Родителите на жртвите, како и дел од јавноста, тврдат дека токму пасивноста и поврзаноста на актуелните началници со сопственикот на „Пулс“ овозможиле локалот да работи незаконски и во опасни услови.
Обвинителството најави дека утре напладне ќе излезе со повеќе детали за акцијата. Минатата недела од таму соопштија дека истрагата е завршена, а доказите се обемни и сериозни. Но, тоа не ги смири семејствата на настраданите, кои инсистираат дека има уште многу нерасчистени одговорности.
„Како службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да добие лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре, иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа“, посочи Обвинителството во претходните соопштенија.
Дополнително, беше обелоденето дека „Пулс“ работел најмалку две години без валидна лиценца, што фрла сенка врз надзорните институции и го отвора прашањето – како било возможно да се толерира таква состојба без институционална поддршка или прикривање.
Со овие најнови апсења, истрагата влегува во фаза која може да го промени правецот на правдата што ја бараат десетици семејства. Очекувањата се дека утрешниот брифинг ќе даде појасна слика за обемот на одговорност кај актуелните полициски структури и можните нови обвиненија.


