НОВ БИЗНИС ПОТЕГ ШТО ГО ТРЕСЕ ПАЗАРОТ – Lidl отвора комбинација од продавница и кафеана
Дали ова е почеток на нов тренд во супермаркетите, Конкуренцијата се жали, но планот добива зелено светло.

Германскиот малопродажен синџир Lidl воведува нов и нетипичен концепт, отворајќи паб во Дандоналд, предградие на Белфаст во Северна Ирска, во непосредна близина на една од своите постојни продавници.
Овој пилот-проект претставува комбинација од класична продавница и угостителски објект, со што компанијата излегува надвор од својата вообичаена трговска понуда.
Новиот објект ќе има околу 60 седишта и површина од приближно 60 квадратни метри. Покрај пабот, во рамки на истиот комплекс ќе функционира и продавница специјализирана за алкохолни пијалаци, со поширок избор на вина, пива, сидери и жестоки пијалаци под сопствен бренд.
Регионалниот директор на Lidl за Северна Ирска истакна дека компанијата е присутна во Дандоналд повеќе од 20 години, но досега купувачите немале целосен пристап до целата понуда, особено во делот на алкохол.
Проектот доби одобрение по судска постапка, во која беше одбиена жалба на конкурентска фирма. Судот оцени дека се работи за иновативен модел, кој сепак не се коси со важечките законски прописи.
Иако правилата за продажба на алкохол во Северна Ирска се строги, тие дозволуваат пренос на лиценци меѓу слични објекти, што овозможи реализација на овој концепт.
Со овој потег, Lidl експериментира со нов бизнис модел што ги спојува малопродажбата и угостителството, а останува да се види дали ваквиот пристап ќе стане поширока пракса или ќе остане единствен експеримент.
