НОРДИСКИТЕ ДРЖАВИ СО ЈАСНА ПОРАКА ДО САД Не го даваме Гренланд, тој е на Данска
Заедничка изјава од Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска за безбедноста, одбраната и соработката на северот

Безбедноста на Арктикот мора да се темели на почитување на меѓународното право и неповредливоста на границите, порачаа денес министрите за надворешни работи на Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска во заедничка изјава. Тие нагласија дека нордиските земји, како арктички држави и сојузници во НАТО, се цврсто и заеднички посветени на зачувување на безбедноста, стабилноста и соработката во арктичкиот регион.
Како што пренесува „Гардијан“, министрите информираат дека веќе се преземени конкретни чекори за зајакнување на одвраќањето и одбраната, меѓу кои развој на нови капацитети, зголемено воено присуство и активности, како и подобрено следење на безбедносната состојба во регионот.
„Ја поддржуваме зголемената присутност и будност на НАТО на Арктикот. Значително ги зголемивме инвестициите во безбедноста на регионот и сме подготвени да направиме уште повеќе, во тесна координација со Соединетите Американски Држави и останатите сојузници на НАТО“, се наведува во соопштението.
Министрите потенцираат дека стабилноста на Арктикот е нераскинливо поврзана со почитувањето на основните принципи на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, вклучително и суверенитетот и територијалниот интегритет.
Во изјавата се потсетува дека Кралството Данска, заедно со Гренланд, е една од основачките членки на НАТО и дека историски има блиска безбедносна соработка со САД, вклучително и преку Договорот за одбрана од 1951 година, кој овозможува унапредување на безбедносната соработка во арктичкиот регион.
„Заеднички повторуваме дека прашањата поврзани со Данска и Гренланд се исклучиво во надлежност на Данска и Гренланд“, се наведува во заклучокот.
Изјавата доаѓа во контекст на повторените ставови на претседателот на САД дека Гренланд треба да стане дел од Соединетите Американски Држави „поради националната безбедност и стратешката позиција на Арктикот“. Данската премиерка Мете Фредериксен, пак, го повика Вашингтон да „ги запре заканите“ кон, како што рече, „историски близок сојузник“, нагласувајќи дека Гренланд јасно ставил до знаење оти не е на продажба.


