НИШТО НЕ Е ВЕЧНО – САД можат да го напуштат НАТО, вели Столтенберг
Поранешниот генерален секретар нагласува дека членките на НАТО треба да се подготват за секој можен развој на настаните

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека не може да се исклучи можноста САД да ја напуштат алијансата поради несогласувања со европските членки, пренесува германски „Шпигел“.
„Мораме да градиме односи со САД, што значи дека треба да зборуваме и кога не се согласуваме со нив. Исто така, не можам да ветам дека САД ќе останат во НАТО. Никој не може тоа да го гарантира“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека другите членки на НАТО треба да направат сè што можат за да го намалат ризикот од евентуално напуштање на алијансата од страна на САД, но истовремено да останат подготвени да се справат со таква ситуација ако се случи.
„Ништо не е вечно, околностите можат да се променат. Сепак, можеме да се запрашаме кои дејствија ги зголемуваат шансите за зачувување на НАТО и трансатлантското единство“, додаде тој.


