НИКОЛА И ШТРКОТ ПОВТОРНО НА ГОЛЕМОТО ПЛАТНО – Нови термини во Кинотеката
„Приказната за Силјан“ инспирирана од класичната македонска бајка „Силјан штркот“

Поради зголемениот интерес на публиката, Кинотеката на Македонија најави нови термини за прикажување на документарниот филм „Приказната за Силјан“ во режија на Тамара Котевска. Новите проекции ќе се одржат на 23, 25 и 26 февруари со почеток во 18:00 часот.
Филмот, инспириран од македонската бајка „Силјан штркот“, ја раскажува судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам. На депонија, тој наоѓа штрк со повредено крило и одлучува да му помогне. Нивниот кревок однос, постепено граден со доверба, станува спасоносна врска која му ја враќа смислата на животот на Никола, ја обновува поврзаноста со заедницата и ги буди старите преданија и почитта кон природата.
Во документарецот се појавуваат: Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов и Иле Стојковски.
„Приказната за Силјан“ е копродукција на американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“. Продуценти се Тамара Котевска, кинематограферот Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата ја изработи Мартин Иванов, а оригиналната музика е дело на Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк од студиото на Ханс Цимер.


