НИКОЈ ОД КРЕМЉ НЕ ДОАЃА – Русија надвор од Мировниот совет

Првиот состанок на телото иницирано од Доналд Трамп ќе се одржи без официјално учество на Русија

НИКОЈ ОД КРЕМЉ НЕ ДОАЃА – Русија надвор од Мировниот совет
Фото: Принтскрин

Претставници на Кремљ не планираат да учествуваат на првиот состанок на Мировниот совет, кој е закажан за 19 февруари во Вашингтон. Ова го изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, нагласувајќи дека „никој од Кремљ не планира да учествува“ на настанот.

Песков додаде дека Министерството за надворешни работи на Русија сè уште работи на анализирање на агендата и форматот на Советот.

Во меѓувреме, и белорускиот претседател Александар Лукашенко ја одби поканата за присуство на првиот состанок на Мировниот совет, иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп. Според портпаролката на Лукашенко, Наталија Ајсмонт, поканата пристигнала предоцна, кога распоредот на претседателот веќе бил целосно испланиран.

„Претседателот на Белорусија ја доби поканата, но за жал, во тој период веќе имаше однапред утврдени обврски“, изјави Ајсмонт, а нејзината изјава ја пренесе Телеграм-каналот „Пул Первого“, близок до белоруската претседателска прес-служба.

Таа истакна дека Белорусија целосно ја поддржува посветеноста на САД и на Мировниот совет за решавање на глобалните конфликти. Наместо Лукашенко, Белорусија на состанокот ќе ја претставува министерот за надворешни работи Максим Риженков.

„Министерот е целосно посветен на учеството на Белорусија во работата на Мировниот совет, како и на дискусиите за регионалната ситуација и билатералните белоруско-американски односи“, нагласи Ајсмонт, додавајќи дека американската страна веќе е информирана за оваа одлука.

Првиот состанок на Мировниот совет ќе се одржи на 19 февруари во Вашингтон. Советот беше формално основан на 22 јануари, на маргините на Светскиот економски форум во Давос, кога претставници на 19 земји го потпишаа неговиот статут. Иницијативата првично беше насочена кон мирно решавање на конфликтот во Појасот Газа, а американскиот претседател Доналд Трамп најави дека во меѓувреме се приклучиле и други земји.

Дмитриј Песков претходно соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин добил покана за членство во Мировниот совет. Путин му наложил на руското Министерство за надворешни работи да ја разгледа понудата и да се консултира со меѓународните партнери. Тој, исто така, изјави дека Русија е подготвена да упати една милијарда долари од замрзнатите руски средства во САД за поддршка на работата на Мировниот совет.

CATEGORIES
Share This