НИКОЈ НЕ Е ПОСИЛЕН ОД НАРОДОТ – Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по убедливата победа порача дека народот ја вратил вербата во државата и дека ова е победа на надежта и соживотот.

Голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, порача вечерва премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, по убедливиот триумф на локалните избори.
„Ако некој се сомневаше – народот покажа дека Македонија повторно е твоја. Ви благодарам, мој народе. Ова е заедничка победа, победа на вербата, надежта и копнежот за подобра иднина. Ова е победа на напатениот народ, на неговите соништа и надежи, на нашата заедничка татковина. Вечерва Македонија покажа зрелост и единство,“ порача Мицкоски.
Тој нагласи дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ остварила убедливи резултати во повеќе општини низ државата.
„Победивме во Скопје – убедливо победи Орце. Победивме и во Карпош, Аеродром и Чучер Сандево. Борбата беше тешка, со многу предизвици, се одлучуваше во последните моменти. Нашиот противкандидат се обиде да профитира на сметка на националните и меѓуетничките поделби – но не успеа, поразен е. Во Брвеница останува Јоцо градоначалник,“ истакна Мицкоски.
Тој додаде дека победата на ВМРО-ДПМНЕ се проширила и во општини кои досега биле под раководство на СДСМ.
„Победивме во Валандово, Дојран и Крушево, како и во Кочани – нашето Кочани, кое мораме да го подигнеме и поддржиме. Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново-Облешево, Виница, Дебарца, Конче, Демир Капија и Пробиштип,“ посочи лидерот на партијата.
Посебно ја истакна победата во Кичево:
„Падна Фатмир Дехари – падна од народот кој се обедини против раскалашеноста и недомаќинското владеење. Се докажа дека никој не е посилен од народот. Покажавме што можеме кога сме обединети. Таму соработувавме луѓе од различни вери и припадности – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, Христијани и Муслимани – сите заедно против неправдата,“ нагласи Мицкоски.
На крајот, тој порача дека оваа победа не е само политичка, туку победа на соживотот, вредностите и вербата во заедничка иднина:
„Оваа победа е доказ дека можеме да се обединиме околу вредностите и политиките што им се потребни на граѓаните. Победи соживотот, победи надежта, победи Македонија,“ заврши Мицкоски.


