НЕУСПЕХ НА ТРАМПОВИОТ ПЛАН – Зеленски порачува дека не отстапува ништо
Зеленски се сретна со лидерите на Франција, Германија и Британија за да ја разгледа новата верзија на мировниот план.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделник престојуваше во Лондон, каде што се сретна со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Разговорите беа фокусирани на најновата верзија на мировниот план, кој минатата недела беше усогласен меѓу украинските и американските претставници.
Откако од Лондон замина за Брисел на состаноци со НАТО, Зеленски изјави дека Украина во вторник ќе испрати ревидиран предлог до САД, пренесе Би-Би-Си.
Украинските преговарачи три дена воделе интензивни разговори со американскиот тим во Флорида, инсистирајќи да се отстранат делови од првичниот план што во Киев биле оценети како премногу наклонети кон Русија. Според Зеленски, „најизразените антиукраински точки“ од нацртот од ноември сега биле отстранети.
Сепак, претседателот не го криеше главниот проблем: дилемата околу евентуални територијални отстапки.
„Сè уште не е најден компромис“, призна Зеленски, потенцирајќи дека Украина не може да се согласи на предавање територии.
Според американскиот предлог, украинските сили би се повлекле од источните региони кои Русија се обидува да ги заземе, додека Москва би се повлекла во други области, со што би престанале борбите. Но Зеленски остана категоричен:
„Немаме право да отстапиме ништо – ниту според украинскиот, ниту според меѓународниот, ниту според моралниот закон“, изјави тој за новинарите по состанокот со лидерите на Франција, Германија и Обединетото Кралство, пренесува „Вашингтон пост“.
Во меѓувреме, Киев се соочува со растечки притисок од Вашингтон да прифати рамка за завршување на војната.
„Не можеме без Американците, не можеме без Европа. Затоа мора да донесеме некои важни одлуки“, рече Зеленски.
Иако САД ги туркаат и Киев и Москва кон брз договор, реален напредок засега нема. Минатонеделната петчасовна средба во Москва меѓу американскиот пратеник Стив Виткоф и рускиот претседател Владимир Путин не донесе конкретни резултати.
Потоа следеа тридневни разговори во Мајами меѓу украинскиот главен преговарач Рустем Умеров и американските претставници. Иако и двете страни зборуваа за „напредок“, во неделата американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „разочаран“ што Зеленски наводно сè уште не го прочитал ревидираниот нацрт.
„Путин е задоволен од новата верзија“, додаде Трамп.
Зеленски, пак, рече дека очекува Умеров да му достави детален извештај за преговорите во понеделник било во Лондон, било во Брисел.
„За некои работи може да се разговара само во живо“, нагласи украинскиот претседател.


