НЕМА ПРАВДА, ИМА СМЕТКА Мафијата ја победи државата и адвокатите на Мијалков ќе добијат 85.000 евра од државата
Така, еден од најголемите скандали за злоупотреба на службена положба и повреда на човековите права завршува без кривична одговорност - но со сметка што ќе ја плати државата.

Иако случајот „Таргет“ за масовното прислушување во УБК апсолутно застаре пред речиси две години, државата сега ќе треба да исплати 85.000 евра за адвокатските трошоци на обвинетите, меѓу кои и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Средствата ќе се покријат од државниот буџет.
Постапката против обвинетите беше запрена поради апсолутна застареност на кривичниот прогон, што настана како последица на контроверзните измени на Кривичниот законик, со кои се намалија запретените казни. Тоа значи дека, и покрај сериозноста на делото, нема да има судска разрешница ниту казна за незаконското прислушување.
Од Кривичниот суд информираат дека се веќе изработуваат решенијата за пресметаните трошоци, кои според првичните проценки надминуваат 5,2 милиони денари. Овие решенија сè уште не се правосилни и ќе бидат дополнително доставени до странките.
Покрај адвокатските трошоци, државата најверојатно ќе се соочи и со обврска да ги обесштети жртвите на прислушувањето. Ако обвинетите беа осудени, трошоците ќе ги сноселе тие, но поради застарувањето, сè паѓа на товар на јавните финансии.
Случајот „Таргет“ откри дека во периодот од 2008 до 2015 година, без судски налози, биле прислушувани најмалку 4.286 телефонски броеви, а индиректно биле опфатени околу 20.000 граѓани.
Со првичната пресуда, обвинетите добија вкупно 55 години затвор, од кои Мијалков беше осуден на 12 години. Но, судијата Енвер Беџети го држеше предметот во фиока девет месеци пред Апелациониот суд да ја укине првостепената пресуда и да го врати случајот на повторно судење. Токму во тој период беа донесени законските измени кои овозможија делото да застаре пред да се донесе конечна одлука.
Така, еден од најголемите скандали за злоупотреба на службена положба и повреда на човековите права завршува без кривична одговорност – но со сметка што ќе ја плати државата.


