НЕМА ДА ИМА КАМПОВИ ЗА МИГРАНТИ ВО МАКЕДОНИЈА Визите се тема за разговор вели британскиот амбасадор Лосон

Британскиот амбасадор Метју Лосон ги демантираше шпекулациите што се појавија во некои медиуми дека на територијата на Македонија ќе се градат кампови за мигранти. Тој нагласи дека новото партнерство со Обединетото Кралство не предвидува прифаќање мигранти од Британија, туку вклучување на земјата во заедничка мисија за борба против организиран криминал и трговија со луѓе.
„Суштината на ова стратешко партнерство се инвестициите, економскиот раст, заедничката работа за заемна корист и надградба на нашето веќе силно трговско партнерство. Северна Македонија ќе се приклучи кон иницијативата за соработка на полициските сили во борба против криминалните банди и подобро разузнавачко споделување“, рече амбасадорот Лосон.
Во однос на можноста за либерализација на визниот режим за македонските граѓани, Лосон посочи дека прашањето останува отворено, но моментално е предизвик поради зголемениот миграциски притисок врз Велика Британија.
„Ќе продолжиме да разговараме за овие прашања. Но, морам да нагласам дека политичката ситуација во Обединетото Кралство е сложена кога станува збор за миграцијата, што се одразува и на визниот режим, дури и со блиски партнери како Северна Македонија. Сепак, ова стратешко партнерство отвора можност за продлабочување на односите, па ќе видиме како ќе се развиваат работите“, изјави Лосон.
Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји опфаќа области како што се безбедноста, одбраната, економската соработка, трговијата и инвестициите.


