НАВРЕДИ, ДОФРЛАЊА И ПРЕКИН Немирна седница на Советот во Кочани
Поради обемниот дневен ред и преостанатите точки кои чекаат усвојување, продолжението на седницата ќе биде закажано дополнително по нова координација.

Без завршница остана денешната 65. седница на Советот на Општина Кочани, откако по жестоки дискусии и лични навреди меѓу советниците, претседателот на Советот, Лазо Митев, донесе одлука за нејзин прекин.
Ситуацијата ескалираше по расправата за повторниот предлог за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Струмица. Во текот на дискусијата се слушнаа дофрлања и навредливи изјави, особено при настапот на советникот Аки Акиов, што доведе до прекин на неговото излагање и, на крај, до прекин на целата седница.
На почетокот од седницата, советниците едногласно ги поддржаа два нови предлога: првиот за ослободување од надоместок за гробни места во алејата на трагично загинатите во пожарот во клубот „Пулс“, и вториот – иницијатива за спроведување обука за самозаштита во образовните институции во општината.
Поради отсуство на претставници од ЈП „Национални шуми“, точката за состојбата со боровиот четник кај зимзелените шуми на територијата на општината беше одложена.
Повторното разгледување на договорот за соработка со Струмица беше предложено од в.д. градоначалникот Венко Крстевски, кој даде кратко образложение. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ изразија сомнежи за селективност при инспекцискиот надзор, по што настанаа вербални конфликти.
Поради обемниот дневен ред и преостанатите точки кои чекаат усвојување, продолжението на седницата ќе биде закажано дополнително по нова координација.


