НАУТРО ДО -1 СТЕПЕН Стабилен и сончев ден пред нас

Во најстудениот дел од утрото, најниските температури се спуштија до –1 степен во Крушево и Маврови Анови, покажуваат податоците на УХМР. Нула степени се измерени во Охрид и Куманово, додека во Претор термометрите покажаа еден степен. Температура од два степени е забележана на Скопските мерни места – Петровец и Зајчев Рид – како и во Крива Паланка. Прилеп и Берово утрово имаа 4 степени, а по нив следуваа Тетово, Битола, Штип, Виница, Велес и Гевгелија со 5 степени. Најтопли во раните утрински часови беа Кавадарци со 6 степени и Демир Капија и Струмица, каде се измерени 7 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, денот ќе биде претежно сончев со повремена мала до умерена облачност. Наутро, на пониските места е можно пократкотрајно задржување на погуста облачност, но во текот на денот таа ќе се намалува. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, а дневните температури ќе се движат меѓу 9 и 15 степени.
Во Скопје се очекува стабилно и сончево време со умерена облачност и слаб северен ветер. Максималната температура во главниот град ќе достигне околу 11 степени.


