НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА – Атентатот врз Глигоров, три децении без одговор
На Филозофскиот факултет ќе се одржи конференција за да се отвори јавна и научна дебата за еден од најконтроверзните моменти во поновата македонска историја.

Во вторник, на Филозофскиот факултет во Скопје, ќе се одржи научна и стручна конференција на тема:
„Триесет години од атентатот врз Киро Глигоров, претседател на Република Македонија и врховен командант на АРМ“.
„И по три децении, атентатот врз Глигоров останува едно од најтешко разрешливите прашања во поновата македонска историја. Целта на конференцијата е да отвори јавна и аргументирана дебата и да продолжи истражувањето на овој настан, кој остави трајни последици врз политичкиот и безбедносниот развој на државата“, истакна Иницијативниот одбор во состав проф. д-р Цане Мојаноски, проф. д-р Гроздан Цветковски и проф. д-р Зоран Јовановски, полковник на АРМ.
Научниот собир ќе се обиде да одговори на четири клучни прашања: кои биле причините и мотивите за атентатот, кои се можните нарачатели и извршители, зошто атентатот не беше спречен и зошто државните органи досега не обезбедиле одговори.
На конференцијата ќе учествуваат универзитетски професори, научници и експерти, меѓу кои и учесници од претходната конференција „15 години од атентатот врз претседателот Глигоров – мистерија или настан ad acta“ одржана во Скопје на 30 септември 2010 година.
Иницијативниот одбор потсетува дека атентатот предизвика големо изненадување кај домашната и меѓународната јавност, имајќи предвид угледот на претседателот Глигоров и неговата клучна улога во осамостојувањето на Република Македонија и нејзиното меѓународно признавање во 1991 година.


