НАУЧНА ФАНТАСТИКА НА ЧИНИЈА – Ресторан во Дубаи каде готвач е вештачка интелигенција
Вештачката интелигенција во „Вуху“ создава иновативни јадења инспирирани од молекуларната гастрономија.

Новиот ресторан „Вуху“ (Woohoo), сместен под блескавите облакодери во центарот на градот, веднаш ги вовлекува посетителите во атмосфера што наликува на сцена од научна фантастика. На самиот влез стои холограм од „готвач со вештачка интелигенција“ по име Ајман, аватар со сини коси и техно-очила, што го најавува футуристичкиот дух на просторот исполнет со холограми и дигитални проекции.
Целиот работен процес го надгледува специјализирана вештачка интелигенција преку голема цилиндрична машина поставена во центарот на ресторанот, која раководството ја опишува како суперкомпјутер. „Шеф Ајман“ е модел развиен од компанија со седиште во Обединетите Арапски Емирати. Тој не готви физички, туку креира рецепти обучен врз илјадници јадења и години истражувања во кулинарството и молекуларната гастрономија. Коосновачот Ахмет Ојтун Чакр од Турција смета дека вештачката интелигенција еден ден би можела да создава јадења кои ќе бидат подобри и од оние на човечки готвачи.
Менито е засновано на меѓународна фузиска кујна, но „вештачкиот готвач“ се истакнува со свои оригинални креации. Најконтроверзно е предјадењето „тартар од диносаурус“ – инспирирано од анализа на ДНК со која наводно е реконструиран вкусот на одамна изумрената животна врста. Ова мистериозно јадење, со таен рецепт, чини 215 дирхами (околу 50 евра) и се служи на чинија што визуелно пулсира, создавајќи впечаток дека „дише“. Гостите го опишуваат вкусот како изненадувачки нежен и пријатен.
И покрај технолошкиот концепт, во кујната и понатаму работат вистински готвачи кои ги подготвуваат јадењата и по потреба ги прилагодуваат рецептите креирани од Ајман. Главниот готвач Серхат Каранфил објаснува дека човекот и машината функционираат како тим:
„Ако некое јадење испадне премногу луто, разговарам со Ајман и заедно ја пронаоѓаме идеалната рамнотежа.“
Сепак, не сите во кулинарскиот свет веруваат во ваквата револуција. Сирискиот шеф Мохамад Орфали, чиј ресторан „Orfali Bros“ во Дубаи минатата година доби Мишелин ѕвезда, тврди дека „готвач со вештачка интелигенција“ всушност не постои. Според него, готвењето бара „нафас“ – лична духовна енергија, емоции и сеќавања кои човечкиот готвач ги внесува во секоја чинија, нешто што машината не може да реплицира. Тој користи вештачка интелигенција, но само за истражување и административни задачи, а не за создавање рецепти.
И покрај тоа, концептот совршено се вклопува во авангардниот дух на Дубаи, каде публиката брзо го прифати овој футуристички пристап. Ресторанот стана хит на социјалните мрежи, а „готвачот со вештачка интелигенција“ има и посебен Инстаграм-профил на кој преку својот дигитален аватар споделува совети и рецепти.
Според коосновачот Чакр, ова е само почеток – амбицијата е Ајман да стане „следниот Гордон Ремзи“ во светот на вештачката гастрономија, а јавноста веќе со големо внимание го следи неговиот развој.


