НАУЧЕН ТИМ ОДЛИКУВАН СО НАЈВИСОКО ДРЖАВНО ПРИЗНАНИЕ Тимска работа и љубов кон јазикот крунисани со наградата „Гоце Делчев“
Од името на наградените се обрати проф. д-р Веселинка Лаброска, која подвлече дека ова научно дело е резултат на тимска соработка помеѓу Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ.

На свечена церемонија во Собранието на Република Македонија, денеска беше доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година на група истакнати научници за капиталното научно дело „Македонски дијалектен атлас (од ризницата на картотеката – лексички материјали)“.
Добитници на признанието се: проф. д-р Веселинка Лаброска, академик и проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, постхумно проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваше на доделувањето, при што ја истакна важноста на признанието, кое претставува општествено признание за особено значајни научни достигнувања од интерес за Македонија. Таа го нагласи значењето на делото, кое, според неа, не само што ја отсликува лексичката разновидност на македонскиот јазик, туку и го документира долгогодишниот труд на дијалектолозите во земјава.
„Со доделувањето на ова признание ја славиме не само научната посветеност, туку и заедничката визија за афирмација на македонскиот јазик и идентитет,“ рече Јаневска.
Таа најави и понатамошни инвестиции во научно-истражувачката дејност, вклучувајќи го и најголемиот досега буџет за наука од 680 милиони денари, како и подготовката на нова законска рамка за високото образование и истражувањата.
Претседателот на Одборот за доделување на наградата, академик Живко Попов, лично им ги врачи признанијата на добитниците. Од името на наградените се обрати проф. д-р Веселинка Лаброска, која подвлече дека ова научно дело е резултат на тимска соработка помеѓу Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ.
„Народот што се цени, го цени и сопствениот јазик. Нашиот јазик е македонскиот, и за нас тој е најубавиот и најбогатиот јазик,“ изјави Лаброска, нагласувајќи ја важноста на тимската работа и посветеноста кон зачувувањето на јазичното и културното наследство.
Делото „Македонски дијалектен атлас“ претставува значаен придонес во областа на македонистиката и славистиката и се смета за фундаментален ресурс за лингвистичките истражувања во земјава и пошироко.


