НАТО ОБЕДИНЕТИ ПРОТИВ РУСИЈА- 5% од БДП за одбрана до 2035
Протоколот на настанот беше прилагоден за Трамп: кратка агенда, тричасовна средба, дизајн на просторијата по моделот на Овалната соба, сè со цел да се зголеми неговата дипломатска удобност и политички авторитет.

На годинешниот самит на НАТО во Хаг, лидерите на алијансата усвоија клучна стратегија за справување со растечките безбедносни закани, пред сè од Русија, како и од терористички актери. Главниот фокус беше заложбата за заедничко инвестирање 5 проценти од БДП на земјите-членки во одбраната и безбедноста до 2035 година.
Заклучоците од самитот подвлекуваат дека 3,5 проценти од БДП ќе бидат насочени кон директни воени потреби и зголемување на борбената подготвеност, додека 1,5 проценти ќе се одвојат за критична инфраструктура, сајбер-безбедност, цивилна заштита и иновации во одбранбената индустрија.
Во документот е нагласено дека со овие инвестиции ќе се обезбедат луѓе, ресурси, капацитети и отпорност потребни за исполнување на трите основни задачи на НАТО: одвраќање и одбрана, справување со кризи и безбедносна соработка.
Во светло на неодамнешните сомнежи околу стабилноста на членот 5 од Вашингтонскиот договор, НАТО уште еднаш ја повтори својата „непоколеблива поддршка за колективната одбрана“, потврдувајќи дека напад врз една земја-членка се смета за напад врз сите.
Дополнително, се најавува проширување на индустриската соработка, елиминирање на трговските бариери во рамките на НАТО, и вклучување на нови технологии за модерна одбранбена архитектура.
Самитот во Хаг беше и дипломатска победа за американскиот претседател Доналд Трамп, кој беше пречекан со посебни почести. Холандскиот премиер и нов генерален секретар на НАТО, Марк Руте, јавно му се заблагодари за „исклучителната акција во Иран“ и „постигнувањата што ниту еден друг американски претседател не ги остварил со децении“.
Протоколот на настанот беше прилагоден за Трамп: кратка агенда, тричасовна средба, дизајн на просторијата по моделот на Овалната соба, сè со цел да се зголеми неговата дипломатска удобност и политички авторитет.
Трамп го искористи самитот и за да одговори на критиките поврзани со акцијата во Иран. Тој ги отфрли тврдењата на CNN и други медиуми за наводно нецелосно уништување на иранската нуклеарна програма, нарекувајќи ги „лажни вести“, и увери дека Иран веќе не е во позиција да создаде нуклеарна бомба.
Самитот во Хаг ја потврди намерата на НАТО да остане кохезивен и офанзивно ориентиран блок во време на глобални тензии. Новиот фискален план за одбрана, реафирмирањето на член 5, како и вниманието кон сајбер-безбедноста и иновациите, укажуваат на долгорочна стратегија за справување со Русија, но и со други хибридни закани. Притоа, улогата на Трамп и домашно и меѓународно – останува централна.


