НАТО БАРА ЕДИНСТВО – Македонија меѓу најпосветените сојузници
Претседателката и генералниот секретар на НАТО на заедничка прес-конференција порачаа дека безбедноста е заедничка одговорност

Современите и сложени безбедносни околности бараат постојана будност, подготвеност и јакнење на механизмите за рано предупредување, како и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети. Република Северна Македонија останува верен и кредибилен сојузник на НАТО и активно придонесува за безбедноста на целиот регион, беше истакнато на заедничката прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателката нагласи дека токму во вакви моменти е неопходно во рамки на НАТО да се надминуваат и усогласуваат разликите со цел да се зачува кохезијата на Алијансата, заснована врз заедничките вредности и принципи.
Таа посочи дека НАТО не е само воен сојуз, туку заедница на споделена одговорност и заедничка визија, при што Северна Македонија продолжува да дејствува како одговорна членка. Како кредибилен сојузник, државата доследно го спроведува планот за инвестиции во одбраната, нагласувајќи дека станува збор за вложувања во заедничката безбедност, а не само за проценти и бројки.
Сиљановска Давкова оцени дека најсилната гаранција за траен мир и стабилност на Западен Балкан е неговата целосна и забрзана интеграција во Европската унија. Во тој контекст, таа изрази очекување дека на претстојниот самит на НАТО во Анкара посебно внимание ќе биде посветено на безбедносната состојба во регионот, со оглед на актуелните предизвици.
Генералниот секретар Марк Руте истакна дека Северна Македонија е важен и доверлив сојузник на НАТО и има значајна улога во заштитата на источниот дел од Алијансата. Тој потсети дека земјата издвојува над два проценти од БДП за одбраната и изрази задоволство од заложбите таа цел постепено да се зголеми.
Руте ја поздрави и поддршката што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина, нагласувајќи дека соработката меѓу сојузниците е клучна за заедничката безбедност. Според него, земјата има важна улога во зачувувањето на стабилноста на Западен Балкан и НАТО нема да дозволи појава на безбедносен вакуум во регионот.
„НАТО е цврсто посветен на заштитата на сите свои сојузници, без разлика од каде доаѓаат предизвиците. Уверен сум дека можеме да сметаме на Северна Македонија да го даде својот целосен придонес“, порача Руте.


