НАПАДИТЕ СЕ РЕАЛНИ – Унгарија мобилизира војска за гасоводот вели Сијарто
Обидот за пренасочување на гасоводот во Србија се смета за закана за унгарскиот суверенитет.

Делот од гасоводот „Турски поток“ што минува низ Унгарија, од границата со Србија до Словачка, ќе биде ставен под заштита на армијата, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
„На седницата на Советот за одбрана, премиерот нареди војниците да го чуваат гасоводот и неговите објекти по целата траса од српско-унгарската до унгарско-словачката граница“, рече Сијарто во видео обраќање.
Министерот истакна дека физичката заштита на гасоводот е поважна од кога било, поради честите напади врз него, и дека секоја земја треба да преземе решителни мерки за негово обезбедување.
Сијарто го нарече обидот за пренасочување на гасоводот во Србија закана за унгарскиот суверенитет и дел од акцијата на Украина против инфраструктурата на „Турски поток“.
Инаку, Србија веќе донесе одлука армијата да ги чува гасоводите што транспортираат руски гас. Компресорската станица во Жабари, изградена во 2021 година и клучна за транспортот на гас од Турција до Унгарија, е под посебни безбедносни мерки уште од минатиот месец.
