НАМАЛЕНА ВИДЛИВОСТ И ВЛАЖНИ КОЛОВОЗИ – АМСМ со препораки до возачите

Поради појава на магла, утрово е намалена видливоста на повеќе планински премини низ државата, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Видливоста на планинскиот премин Стража е намалена до 40 метри, на Плетвар и Ѓавато до 30 метри, во Крушево до 50 метри, а во Маврово до 30 метри.
Според АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови, и таа ќе важи до 15 март 2026 година.
Возачите се повикуваат на зголемена внимателност, прилагодување на брзината и строго почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде постои зголемен ризик од одрони. Посебна внимателност се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува затворен за сообраќај за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.
Поради тековни градежни активности, на повеќе патни правци е воведен изменет режим на сообраќај, меѓу кои и на скопската обиколница, експресниот пат Крива Паланка – Страцин, како и на делници кај Косоврасти – Мелнички Мост, Гостивар – Стража и Прилеп – Битола, каде сообраќајот се одвива со временa регулација и поставена соодветна сигнализација.


