НАГРАДА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ – 11 романи во конкуренција за престижната награда

Минатата година наградата ја доби Калина Малеска за романот „Светот што го избрав“

НАГРАДА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ – 11 романи во конкуренција за престижната награда
Фото: Принтскрин

Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, го објави финалниот избор на романи во конкуренција. Жирито, составено од Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на комисијата), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција одбра 11 романи од вкупно 46 пристигнати на конкурсот. Во првата селекција беа избрани 22 наслови, а сега списокот е стеснет на финалните 11.

Според пропозициите, името на наградениот роман и авторот ќе бидат објавени на прес-конференција која ќе се одржи на 13 март во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.

Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје и која е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Победникот ќе добие плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Минатата година, наградата ѝ припадна на Калина Малеска за романот „Светот што го избрав“, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

CATEGORIES
Share This