НАФТАТА ПАЃА ЗА 20 ДОЛАРИ – Мицкоски открива дали ќе се намалат и цените во маркетите
Граѓаните од соседните земји ја зголемуваат побарувачката за бензин и дизел за 30%.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека привременото примирје во Заливот доведе до намалување на цените на нафтата на светските берзи, но дека е рано да се предвиди како ќе се движат тие наредната недела.
„Веднаш по примирјето, цената на нафтата падна речиси 20 долари за барел во споредба со вчера. Ќе видиме како ќе се развиваат цените во вторник, бидејќи понеделник е неработен ден, а ќе следиме состојбата со внимателност“ – рече Мицкоски при посетата на општина Шуто Оризари.
Тој потсети дека годишниот раст на трошоците за живот е 4,9 проценти, а месечното ниво од 0,7 проценти ја сместува Македонија меѓу петте европски земји со најниска инфлација.
„Помала месечна стапка на инфлација имаат само Словенија, Словачка, Естонија и Белгија. Ова значи дека досегашните мерки даваат резултати“ – додаде премиерот.
Мицкоски истакна дека цените на горивата се најниски во регионот, што предизвикува зголемена потрошувачка од странски граѓани.
„За 20-30 проценти е зголемена побарувачката на бензин и дизел“ – рече тој.
На новинарско прашање за цената на потрошувачката кошница, премиерот нагласи дека таа од Сојузот на синдикатите е просечна, а не минимална.
„Цените се високи, но ќе следиме и ќе носиме таргетирани мерки. Го враќаме јавниот долг, исплаќаме колективни договори и се соочуваме со предизвици од војните во Украина и Заливот. Не кукаме и заедно сме со граѓаните и нема да дозволиме непазарно однесување на синџир-маркетите, кои ги контролираме преку Државниот пазарен инспекторат“ – заклучи Мицкоски.
