НАЈВИСОКА ОТКУПНА ЦЕНА НА ТУТУНОТ ДОСЕГА – 200 милиони евра кај тутунарите
Премиерот вели дека досега се откупени 23–24 милиони килограми тутун по просечна цена од 420 денари и со вклучени субвенции, цената достигнува околу 500 денари по килограм

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, се осврна на откупот на тутунот, оценувајќи дека годинава се постигнати највисоки откупни цени досега, што резултира со задоволство и кај тутунопроизводителите и кај откупувачите.
Тој информираше дека досега се откупени меѓу 23 и 24 милиони килограми тутун, со просечна цена од околу 420 денари по килограм, односно приближно 7 евра.
„Гледате дека нема протести, нема блокади, нема незадоволство. Напротив, и тутунарите и откупувачите се задоволни. Кога на ова ќе се додаде и субвенцијата, доаѓаме до околу 500 денари по килограм предаден тутун“, истакна Мицкоски.
Според него, ваквите бројки говорат за исклучително квалитетен род и успешен бизнис.
„Ако земеме предвид дека се откупени околу 24 милиони килограми по 500 денари, тоа значи дека околу 12 милијарди денари, односно приближно 200 милиони евра, ќе завршат кај тутунопроизводителите. Тоа е сериозна и позитивна сума“, нагласи премиерот.
Тој направи споредба со претходните години, потсетувајќи дека порано се откупувале 15 до 16 милиони килограми тутун по цена од 120 до 130 денари за килограм, додека денес откупот изнесува 23-24 милиони килограми по цена од 420 денари, односно 500 денари со вклучена субвенција.
„Навистина се прави добра работа“, заклучи Мицкоски.


