НАЈТАЖНИОТ ДЕН ВО ХРИСТИЈАНСТВОТО – Што точно се случило?

Богослужби и обреди што го симболизираат Христовиот погреб

НАЈТАЖНИОТ ДЕН ВО ХРИСТИЈАНСТВОТО – Што точно се случило?
Фото: Принтскрин

Христијаните денес го одбележуваат Велики петок ден познат и како Распет петок, бидејќи тогаш бил распнат Исус Христос.

Овој ден се одбележува со богослужби, читање делови од Евангелието што ја опишуваат неделата на Христовите страдања и принесување бескрвна жртва. Во вечерните часови, Црквата го одбележува моментот на Христовата смрт и симнувањето од крстот со посебен обред и изнесување на плаштаницата, поставена на украсена маса пред олтарот, која го симболизира Христовиот гроб.

Потоа, верниците трипати ја обиколуваат црквата со плаштаницата, симболизирајќи го погребувањето на Христос, придружено со звуци на тропала. Плаштаницата останува пред олтарот и верниците ја целиваат сè до денот на Воскресението.

Традиционално, на Велики петок се бојадисуваат велигденски јајца во црвена боја, која ја симболизира невино пролеаната Христова крв. Според христијанското учење, страдањето е пат кон воскресението и без жртва и смрт, нема воскресение.

Според преданието, одлуката за погубување на Христос била донесена од Синедрионот на Велика среда. Тој бил уапсен во Гетсиманската градина, по Тајната вечера, ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок. По судењето, бил изведен пред римскиот намесник Понтиј Пилат, кој ја препуштил одлуката на народот. Откако ја изрекол пресудата, Пилат симболично ги измил рацете, велејќи дека не е виновен за смртта на праведникот.

Со венец од трње на главата, Христос го носел крстот до Голгота, каде што бил распнат. Пред да почине, побарал прошка за своите џелати со зборовите:

„Оче, прости им, зашто не знаат што прават“.

Велики петок е ден на најстрог пост. Православниот канон пропишува пост само со вода, а многу верници не јадат и не пијат до зајдисонце. Овој ден е посветен на тишина, молитва и сеќавање, па традиционално не се работи ниту дома, ниту на поле.

CATEGORIES
Share This