НА ПОВИДОК ПОЛИТИЧКИ ПРЕСВРТ Играта се сели на теренот на Европскиот фронт за одземање пратеници
Оваа политичка промена доаѓа по само неколку месеци од приклучувањето на АА во владината коалиција, со што се отвораат нови прашања за стабилноста на мнозинството, идната улога на албанските партии и за можните нови коалициски сценарија во македонскиот политички мозаик.

По напуштањето на коалицијата ВРЕДИ од страна на Алијансата за Албанците (АА), политичката сцена во Македонија забележува значајни турбуленции. Со заминувањето на петте пратеници од АА, парламентарната сила на ВРЕДИ се намали од 14 на девет пратеници, додека бројот на албански опозициски пратеници порасна на 22.
Заменик-претседателот на Владата и лидер на ВРЕДИ, Изет Меџити, одговарајќи на новинарски прашања за последните случувања, изјави дека „играта допрва почнува“ и дека сега ќе се игра на „теренот на Европскиот фронт“, алудирајќи на новата политичка стратегија на коалицијата.
„Доколку некој мисли дека со заминувањето на г. Таравари играта е завршена, тогаш ќе видиме понатаму – оваа игра ќе продолжи и ќе се игра на теренот на Европскиот фронт. Ние остануваме посветени на реализацијата на нашата програма и на ветувањата дадени на граѓаните“, рече Меџити во изјава за медиумите.
Потпретседателот на движењето БЕСА и актуелен министер, Фатмир Лимани, го подигна тонот на дебатата со директно прашање упатено кон опозицијата:
„Колку се сигурни тие дека ги имаат сигурни тие пратеници што ги имаа до вчера?“ – алудирајќи на можната нестабилност и неединство во опозициските редови.
Во емисијата „Дејли Клик“, потпретседателот на АА, Назим Таипи, го отвори прашањето за легитимноста на застапеноста на Албанците во актуелната влада, оценувајќи дека таа е „помала од една третина“. Според него, без поддршка од албанските пратеници, Владата нема да има бадентерово мнозинство за клучни законски решенија.
„Ако го земеме предвид и Бадентеровото прашање, сигурно нема да имаат кворум за да изгласаат одредени закони“, нагласи Таипи, но додаде дека АА ќе ги поддржува иницијативите кои се во интерес на заедниците.
Тој најави и дека Алијансата ќе формира своја пратеничка група и нема да се приклучи на Европскиот фронт. Потпретседателката на ДУИ, Арбана Пашоли, коментираше дека и покрај раздвојувањето, идната соработка не е исклучена.
„Го поздравивме нивниот чекор. Се покажа дека Албанците се маргинализирани и нивните потреби не се исполнети во оваа Влада. Како ќе продолжи соработката понатаму – времето ќе покаже“, рече Пашоли.
Оваа политичка промена доаѓа по само неколку месеци од приклучувањето на АА во владината коалиција, со што се отвораат нови прашања за стабилноста на мнозинството, идната улога на албанските партии и за можните нови коалициски сценарија во македонскиот политички мозаик.


