На Македонија и треба заеднички проглас

За време на референдумот за територијалната организација во Македонија во 2004 година агентурната мрежа на ЕУ во Македонија му пишуваше на Хавиер Солана дека не треба воопшто да бере гајле, бидеќи референдумот со сигурност нема да успее оти според нивните оперативни сознанија од теренот во Македонија живеат само околу 300.000 осознаени  Македонци, а остатокот е  некакав аморфна маса и длабоко раскаран.

На Македонија и треба заеднички проглас

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Понеделник, 26 мај 2025 година

Република Македонија по стекнувањето на независноста во 1991 година се определи за интеграција во Европската Унија и НАТО.

На 22 март 2004 година, во Даблин, Република Ирска, Владата на Република Македонија поднесе барање за членство во ЕУ. На Самиот во Брисел на 17 декември 2005 година, Европскиот совет реши Република Македонија да се стекне со статус земја кандидат за членство во ЕУ.

Оттогаш на крајот на годината, Европската комисија објавува редовни извештаи за напредокот на Македонија. Критериумите за членство во ЕУ кои секоја земја мора да ги задоволи се познати како Копенхашки критериуми, а можат да се поделат на политички, економски и административни.

Во однос на Македонија, Унијата воспостави преседан со пропишување на дополнителни криериуми и тоа не било какви, туку услови кои се однесуваат на македонскиот идентитет. ЕУ првично бараше од Македонија да исполни осум услови на патот кон членство во Унијата. Дури, водечките европски бирократи беа недвосмислени дека покажувањето на конкретни резултати во овие области ќе биде единствено мерило според кое ќе се вреднува Македонија.

Меѓутоа, како одминуваше времето ЕУ воспостави тежок преседан со што фактички Унијата се приклони на политиката на негирање на се што е македонско од страна на две нејзини членки – Грција и Бугарија.

Поврзано со ова, на Македонија и беа наметнати два договори со Грција и Бугарија кои се спротивни на меѓународното право и со кои се брише нејзиното историско и уставно име избрано од народот и се загрозува националниот идентитет, посебноста на македонската нација и македонскиот јазик.

Покрај бројните отстапки на своја штета, Македонија се уште е во чекалната за ЕУ и оттука сосема оправдано се наметнува прашањето, што понатаму.

Според мене, се налага потребата како што во предреферендумската кампања на 2 септември 1991 година, беше објавен заеднички проглас на сите парламентарни и вонпарламентарни партии со кој граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат „ЗА“ на референдумот за самостојност на РМ одржан на 8 септември 1991 година, така и сега се наметнува потребата од нов заеднички проглас, со кој пред домашната и меѓународната јавност ќе се промовира единствен македонски став во однос на ЕУ.

Како појдовна основа и корисна поука може да послужи воената 2001-ва кога дури и во состојба на војна не седнаа заедно (Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски) еден на друг да си кажат, сега сме во војна, дај да ја одбраниме земјата а потоа за време на избори повторно ќе шетаме низ државата и по изборните митинзи ќе се критикуваме, напаѓаме, навредуваме и слично.

Во 2001, она што тие го сторија е токму спротивното, дозволувајќи да надвладеат личните амбиции во работите кои очигледно немале врска со одбраната на земјата. Односно, во тоа време нивното одделно одење кај т.н. олеснувачи Франсоа Леотар и Џејмс Пердју се сведуваше на нивно меѓусебно кодошење со цел да посегнат по поддршка од странците настојувајќи да ја зголемат својата моќ против домашниот ривал, не гледајќи дека со тоа го разбиваат домашното единство, основната брана против било каква закана. За разлика од нив, тогашните преговарачи на македонските Албанци, Арбен Џафери и Имер Имери зборуваа со еден глас кај Леотар и Пердју кога стануваше збор за одбрана на албанските национални интереси.

На крајот дојде казната. Македонија излезе поразена, посрамена и понижена од војната во 2001 година и тоа не како резултат на неспособноста на македонските безбедносни сили да се справат со албанските терористи, туку како резултат на политичките сценарија на домашните политички елити и отсуството на домашното единство.

Затоа, сите кои на еден или друг начин влијаеме на иднината на државата, сме во обврска да работиме не за моментот, туку за сите времиња.

Белким е јасно дека домашно неединство влијае на влошувањето на позицијата на РМ и истовремено ја јакне позицијата на противникот. На пример, грчките политички партии, уште со појавувањето на проблемот со името го донесоа официјалниот став кој беше во сила се до постигнувањето на целта (предавничкиот преспански договор), и кој став во суштина се сведуваше на дефинирана грчка стратегија за национално обезличување на Македонците. Секое отстапување од тој став се ценеше за национално предавство во Грција. Слично нешто сега имаме и во Бугарија.

Како заклучок, дајте да го обезбедиме посакуваното домашно единство и тогаш, народски кажано, ниту топ нема да не разбие. Да го илустрирам ова со еден пример.

За време на референдумот за територијалната организација во Македонија во 2004 година агентурната мрежа на ЕУ во Македонија му пишуваше на Хавиер Солана дека не треба воопшто да бере гајле, бидеќи референдумот со сигурност нема да успее оти според нивните оперативни сознанија од теренот во Македонија живеат само околу 300.000 осознаени  Македонци, а остатокот е  некакав аморфна маса и длабоко раскаран. Се разбира, ваквите шпионски извештаји на агентите на ЕУ во Македонија се базираа на длабоката поделеност на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои тогаш не покажаа способност да се обединат и кога се работи за прашање од највисок државен и  национален интерес.

Оттука, земајќи предвид дека националните интереси се прашање не за моментот, туку за сите времиња, ајде сега да им покажеме на странците дека во Македонија живеат еден ипол милион осознаени Македонци сплотени и единствени околу националните интереси.

Затоа, потребен е заеднички проглас за одбрана на националните интереси. ВЕДНАШ и СЕГА.

CATEGORIES
Share This