НАЈГОЛЕМИ ЈАВНИ НАБАВКИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕСЕТ ДЕНА Највисок договор од над 4 милиони евра во Општина Аеродром

НАЈГОЛЕМИ ЈАВНИ НАБАВКИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕСЕТ ДЕНА Највисок договор од над 4 милиони евра во Општина Аеродром

Во изминатите десет дена, низ системот за јавни набавки се објавени повеќе големи договори чија вкупна вредност надминува неколку десетици милиони евра. Највисокиот поединечен договор е потпишан од Општина Аеродром со фирмата „Жикол“ ДООЕЛ Струмица, за доградба на Основното училиште „Блаже Конески“ – фаза 2, во вредност од 4,12 милиони евра (253,7 милиони денари).

Втор по големина е договорот на Националната установа – Завод и музеј Струмица, со фирмата „Стентон Градба“ ДОО Битола, за довршување на објектот „Стар театар“ во Струмица, вреден 2,67 милиони евра.

Во првите пет договори се наоѓаат и два проекти на Општина Гази Баба, каде фирмите „Вардарградба“ ДОО и „Жикол“ ДООЕЛ ќе градат вакумска канализација во населба Јурумлери и нова детска градинка во Маџари, со вредност од 2,35 и 2,39 милиони евра.

Значаен договор потпишала и ЕСМ Дистрибуција на топлина Скопје, која на фирмата „ЕМ Груп Електрометал“ ѝ го доделила тендерот за реконструкција на топловодната мрежа, во вредност од 2,18 милиони евра.

Меѓу највисоките вредности се наоѓаат и неколку проекти на Министерството за животна средина и просторно планирање, меѓу кои изградба на канализациски систем во општина Врапчиште, доделена на фирмата „Ју-Бај 2“ ДООЕЛ Скопје, во вредност од околу 1,9 милиони евра.

Голем инфраструктурен проект потпишала и Општина Липково, со истата фирма – „Ју-Бај 2“, за реконструкција на локални патишта во неколку села, вреден 1,78 милиони евра.

Во првите десет договори се наоѓа и проектот на Министерството за транспорт, кое на „Вардарградба“ ѝ го додели изведувањето на водоснабдителен систем во селата Љубанци и Љуботен (Општина Бутел), во вредност од 1,72 милиони евра.

Општина Аеродром потпиша уште еден договор — со „Пирамид Билдинг Солушнс“ ДООЕЛ Скопје, за реконструкција на мултифункционалниот центар во првата фаза, во износ од 1,6 милиони евра.

Списокот го заокружува Министерството за социјална политика, демографија и млади, со договор вреден 1,45 милиони евра за набавка на готови оброци за корисниците на народните кујни, кој го доби „Парти Сервис Лео“ ДООЕЛ Скопје.

Во изминатите десет дена, најголем дел од склучените договори се однесуваат на градежни проекти и инфраструктурни инвестиции, што покажува засилен интензитет на јавни инвестиции во втората половина од 2025 година.

CATEGORIES
Share This