НА ДЕНОТ НА ВЉУБЕНИТЕ – Владо Јаневски и Бајага заедно на концерт во Скопје
Двајцата музичари се познаваат повеќе од три децении, а на 14 февруари ќе споделат сцена во салата „Борис Трајковски

Владо Јаневски и српскиот кантавтор Бајага ќе одржат заеднички концерт на 14 февруари во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во организација на „Авалон“. На прес-конференцијата денеска, 28 јануари, двајцата открија дека се познаваат уште од почетокот на 1990-тите, кога Јаневски го снимал својот прв соло албум.
„Слушнав дека има некој момче од Скопје што пишува фантастични текстови. Кога дојде во студио, веднаш знаев кој е. Соработката ни течеше природно од самиот старт“, рече Бајага.
Јаневски се присети:
„Кога отидов кај Бајага, имав две-три готови песни и ми требаше помош како млад пејач. Кој друг можеше да ми напише песна освен најголемата ѕвезда? Бајага ми дозволи да ја препеам ‘Твоите очи’ од Здравко Чолиќ, која тој ја напиша.“
Менaџерот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, откри дека концертот бил споен со „менаџерска финта“ и тоа токму за Денот на вљубените. „Со Владо договаравме одложениот концерт од 2024 да го реализираме на крајот од 2025, а со Бајага организиравме поголем концерт за 40 години кариера. Му реков на Владо дека Бајага веднаш се согласил, а на менаџерот на Бајага кажав истото. Вистината е дека претходно немавме разговарано ни со едниот, ни со другиот. Откако и двајцата ја прифатија идејата, го закажавме концертот“, објасни Милошески.
Бајага со насмевка додаде:
„Бобан ми рече дека Владо живее како во илегала во Гевгелија, поретко доаѓа во Скопје и не следи дневни случувања. Па морав лично да го извадам од илегала и да го натерам да пее во Скопје.“
Јаневски потврди дека навистина живее како во илегала и ретко гледа вести.
Српскиот кантавтор се присети и на својата прва турнеја со „Рибља чорба“ низ Македонија како придружен бенд на Драган Мијалковски, заедно со хрватскиот пејач Дарко Домијан. „Драганче е прекрасен, уште памтам како пеевме неговото ‘Кажи нешто драга, па макар и лага’“, рече Бајага, запејќи дел од песните на Мијалковски.
Од „Авалон“ најавија дека концертот ќе трае 4-5 часа, а не се исклучува можноста Бајага и Јаневски да отпеат и некоја песна заедно. И двајцата автори нагласија дека и во време на вештачка интелигенција, нивните песни се пишуваат на старински начин и на хартија и со пенкало.

