МВР СЕ ПРЕДОМИСЛИ, ОДЛОЖЕНО КАЗНУВАЊЕТО – „Безбеден град“ стартува на 1 февруари 2026
Од февруари системот ќе функционира во Скопје, Тетово, Куманово и на делници од Коридори 8 и 10

Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека системот за автоматско санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира на 1 февруари 2026 година.
Иако системот беше пуштен во пробна работа на 1 декември во Скопје и првично беше најавено дека казните ќе се издаваат од јануари 2026, МВР сепак одлучи стартот да го одложи за еден месец.
Во февруари системот ќе биде активиран во Скопје, Тетово и Куманово, како и на делници од автопатските коридори 8 и 10.
Министерот Панче Тошковски неодамна ја најави можноста за одложување, укажувајќи дека одредени функционалности на системот бараат дополнително унапредување во тест-периодот.
„Безбеден град“ ќе работи преку мрежа на фиксни камери што ќе детектираат прекумерна брзина, поминување на црвено светло и нерегистрирани возила. Системот ќе биде проширен и со специјализирани полициски возила опремени со камери, кои ќе патролираат низ градовите и ќе регистрираат непрописно паркирање и други прекршоци.
Во првите 12 часа од пробното функционирање, на 1 декември, биле забележани околу 65.000 прекршоци. Од нив, 2.800 се однесувале на поминување на црвено светло, а 1.000 возачи управувале нерегистрирано возило.
Во текот на декември, а по одложувањето и во јануари, прекршителите нема да бидат казнувани и ќе добиваат само опомени.
Кога системот целосно ќе профункционира, сопствениците на возилата ќе добиваат СМС и е-пошта со линк до записник со платен налог. Плаќањето ќе може да се изврши електронски, без дополнителни трошоци за навремена уплата.
За прекршоци за кои е предвидена и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка пред надлежен суд.


