МВР РАСПИША ПОТЕРНИЦА -Усмртил 79-годишна жена и избегал, а на Инстаграм се фалел со брзо возење

Младиот возач управувал без дозвола и со голема брзина кога удрил 79-годишна жена во Капиштец

МВР РАСПИША ПОТЕРНИЦА -Усмртил 79-годишна жена и избегал, а на Инстаграм се фалел со брзо возење
Фото: Принтскрин

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишниот Саит Саитов од Скопје, кој на 9 јануари, управувајќи без возачка дозвола, удри и усмрти жена во скопската населба Капиштец. Потерницата е издадена по барање на Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик.

Според истрагата, Саитов управувал „фолксваген пасат“ по улицата Народен фронт со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, при што удрил во 79-годишната Љуба Јаковлеска. Наместо да застане и да ѝ помогне, тој веднаш избега од местото на несреќата. Жртвата беше префрлена во Ургентниот центар, каде подоцна почина од повредите.

Истражителите открија дека бегството на Саитов било олеснето од еден маж и една жена, кои со свој автомобил го пренеле преку граничниот премин Табановце. Тие се уапсени по враќањето во земјава, а обвинителството веќе поднесе предлог за нивно притворање.

Дополнително, се открива дека Саитов на социјалните мрежи често се фалел со опасно и брзо возење. На неговиот Инстаграм-профил можат да се најдат „сториња“ на кои се гледа како управува автомобил во градската средина, и тоа и пред да наполни 18 години. Една снимка од 2024 година, кога имал 17 години, прикажува возење по автопат со околу 180 километри на час, при што на видеото се гледаат само рацете на возачот и таблата за брзина. Овие објави укажуваат дека возењето без дозвола и со прекумерна брзина за осомничениот не било изолиран случај.

CATEGORIES
TAGS
Share This