МВР И ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ВО ТАЈНА ОПЕРАЦИЈА – Еве колку прислушувања имало во 2025

182 прислушувања за МВР, 22 за Јавното обвинителство, 55 за безбедност и одбрана.

МВР И ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ВО ТАЈНА ОПЕРАЦИЈА – Еве колку прислушувања имало во 2025
Фото: Принтскрин

Во 2025 година, Оперативно-техничката агенција (ОТА) технички посредувала во активирањето на вкупно 259 комуникации за потребите на Министерството за внатрешни работи (МВР), Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и за Врховниот суд, овластените органи во Македонија за барања за прислушување.

Следењето на телефонските и онлајн комуникации се спроведувало преку телекомуникациските оператори: Телекабел ДООЕЛ Штип, Неотел АД Скопје, А1 Македонија ДООЕЛ Скопје, Македонски Телеком АД Скопје и Мтел ДООЕЛ Скопје, во зависност од тоа каде биле претплатниците на осомничените лица.

Според извештајот, во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година, преку техничко посредство на ОТА биле активирани:

  • 182 комуникации за потребите на МВР,
  • 22 комуникации за Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Согласно член 7 став (3) алинеја 2 од Законот за ОТА, извештајот не ги вклучува комуникациите активирани за потребите на безбедноста и одбраната. Од вкупните 259 активирани комуникации, 204 се за МВР и Јавното обвинителство, а останатите 55 се за безбедноста и одбраната, за кои судска наредба издава претседателот на Врховниот суд.

Директорката на ОТА, Марија Јаническа, известила дека во октомври 2025 година во седиштето на агенцијата бил и директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS) Гејлен Нејс, при што биле потврдени заедничкиот интерес и определбата за продлабочување на партнерството и координирана соработка во насока на јакнење на стратешките капацитети од интерес за државата и НАТО.

Јаническа нагласила дека содржината на судската наредба за посебни истражни мерки е јасно регулирана во член 257 од Законот за кривична постапка. Анонимизираниот примерок на наредбата, доставен до ОТА, мора да содржи: број на наредбата, органот што ја издал, техничките средства што ќе се користат, времетраењето на мерката, како и идентификациски податоци за телекомуникацискиот систем или телефонскиот број.

При тоа, се брои органот што ја предложил мерката, а не субјектот што технички ја спровел.

Во текот на 2025 година, Комисијата за стручен надзор од редот на вработените во ОТА спровела координирани и систематски надзорни посети кај сите телекомуникациски оператори. По завршувањето на надзорот, за секој оператор бил изготвен посебен извештај, кој не е достапен за јавност, при што имало и негативни забелешки.

Исто така, во 2025 година, била спроведена една дисциплинска постапка за работник во ОТА за повреда на работниот ред и дисциплина и непочитување на работните обврски, согласно член 82 став (1) точка 1 од Законот за работни односи.

Собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите ќе го разгледа овој извештај на својата наредна седница во вторник.

CATEGORIES
Share This