МУЦУНСКИ: НЕМА КОМФОР ЗА ТРГУВАЊЕ СО ИДЕНТИТЕТОТ – Спиропали: Во Македонија има 33 отсто Албанци
Македонската влада предложи промени во преговарачката рамка, но реакцијата на Брисел сè уште не е позната

Македонската влада ги достави своите предлози за измена на заклучоците од преговарачката рамка во Брисел, информираше денеска министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на заедничката прес-конференција со албанската колешка, министерката Елиса Спиропали.
Сепак, Муцунски не даде конкретен одговор за тоа како Брисел реагирал на овие предлози, кои претходно ги изнел и премиерот Христијан Мицкоски на последниот партиски конгрес во Кавадарци. Министерот повтори дека земјата нема „комфор зона“ за тргување со прашањата поврзани со идентитетот.
Иако Македонија останува посветена на евроинтегративниот процес, засега нема нови решенија за спорот со Софија. Што се однесува до барањата за албанско државјанство поднесени од македонски граѓани, министерката Спиропали избегна директен коментар, истакнувајќи дека постои посебна процедура која мора да се почитува, но дека Албанија нема намера да ги блокира или влијае на граѓаните кои ги исполнуваат условите.
На прес-конференцијата, Спиропали потсети дека Албанија ја поддржува Македонија на патот кон евроинтеграциите и нагласи дека двете земји имаат заедничка европска иднина. Таа додаде дека според последниот попис во Македонија живее 33% уставотворен народ и се пофали дека за 13 месеци, официјална Тирана отворила 34 поглавја.
Муцунски, пак, нагласи дека владата останува фокусирана и на спроведувањето на реформите, како и на обидите да се најде заедничко прифатливо решение со Софија.


