МУЦУНСКИ ДО СОФИЈА – Вашите забелешки за малцинствата не се дадени во добра волја

Акцискиот план за малцинствата ги опфаќа сите заедници, не само бугарското малцинство.

МУЦУНСКИ ДО СОФИЈА – Вашите забелешки за малцинствата не се дадени во добра волја
Фото: Принтскрин

Поголемиот дел од забелешките на Бугарија за Акцискиот план за малцинствата не се дадени во „добра верба“, а начинот на комуникација е разочарувачки, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Тој нагласи дека Акцискиот план не се однесува само на правата на бугарското малцинство, туку на правата на сите малцинства во земјата. Затоа, неговото изготвување се врши со помош на странски експерти, бидејќи од него произлегуваат обврски кои Македонија мора да ги спроведе.

„Голем дел од забелешките кои доаѓаат од нив не се израз на добра волја и не одразуваат објективна состојба или вистинска слика за малцинските права во нашата држава. Има тенденциозност во настапот на Бугарија, што најдобро се гледа од пресот на нивното Министерство за надворешни работи“, истакна Муцунски.

Тој додаде дека ставот на Бугарија кон македонскиот јазик е срамен, но дека сите објективни забелешки на Акцискиот план ќе бидат разгледани, прифатени и спроведени. Во моментов, се анализираат сите пристигнати забелешки.

„Мораме да направиме разграничување помеѓу тоа што можеме да го примениме и што не можеме, бидејќи утре ќе го објавиме документот. Замислете, во него има делови кои државата не може да ги примени, а истата Бугарија потоа може да тврди пред Европската Унија дека не напредуваме во спроведувањето на Акцискиот план“, појасни министерот.

Муцунски го осуди и кршењето на стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Македонија, нагласувајќи дека најважно е случајот да се расчисти. Министерството за надворешни работи писмено ја информирало бугарската страна за настанот, а МВР го пронашло и привело лицето кое го извршило делото.

CATEGORIES
Share This