МОЗОЦИ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА АМЕРИКА – Научен пробив или нерасчистена приказна

Истражувањата се одвивале во периодот 2004–2005 година и биле насочени кон шизофренија, деменција и нарушувања на расположението

МОЗОЦИ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА АМЕРИКА – Научен пробив или нерасчистена приказна
Фото: Принтскрин

Во периодот 2004-2005 година, Одделот за психијатрија при Универзитетот Колумбија во Њујорк реализирал научни истражувања во кои биле вклучени и македонски експерти од областа на судската медицина, професорите Алексеј Дума и Горазд Росоклија. Според годишниот извештај на институтот, тогашните проекти биле насочени кон проучување на структурните абнормалности на дендритите кај шизофренија и нарушувања на расположението, како и кон утврдување на невропатолошките корелации меѓу деменцијата и шизофренијата.

Во рамки на оваа меѓународна соработка биле собирани мозоци и клинички податоци добиени од обдукции на психијатриски пациенти, случаи на самоубиство и контролни (споредбени) случаи во Македонија. Проектот се реализирал во партнерство со Институтот за судска медицина, Психијатриската болница Скопје (Бардовци), психијатриските болници во Демир Хисар и Негорци, како и со Медицинскиот факултет во Скопје. Според извештајот, американскиот коавтор Ендру Џеј Диворк се фокусирал на невропатолошките карактеристики на шизофренијата и на поврзаноста со деменцијата кај постари пациенти.

Како резултат на соработката, македонските и американските научници развиле нов метод за пребојување на мозочно ткиво, познат како „нео-Голџи“. Во научен труд објавен во 2013 година, потпишан од професорите Дума, Росоклија и Диворк, се наведува дека со оваа техника биле анализирани 220 блокови од фронталниот кортекс и хипокампусот, од повеќе од 175 човечки случаи.

„Човечките мозоци потекнуваа од заедничка колекција на психијатриските институции во Македонија и Њујорк. Причините за смртта беа различни,  од самоубиства и насилни смртни случаи, до срцеви удари, ретки болести и несреќи“, изјави професорот Росоклија за ResearchGate.

Тој нагласи дека за секој примерок постоела писмена согласност од семејствата на починатите и дека истражувањето имало исклучиво научна цел, без финансиски злоупотреби.

И покрај тоа, поранешната новинарка Менче Точи тврди дека била изложена на притисоци да не пишува за проектот.

„Кога дознав дека професорот Росоклија е носител на проектот, се обидов да стапам во контакт со него, но тој не сакаше да даде изјава. Потоа следеа обиди да бидам убедена да се откажам од темата и дека станува збор за епохален проект и дека дури и соседна Бугарија сакала да го преземе“, вели Точи.

Таа додава дека ѝ бил понуден и престој на Универзитетот Колумбија, што таа, како што тврди, го одбила.

CATEGORIES
TAGS
Share This